Од монети до облакодери, никелот е дел од современиот живот, вклучително и од медицинскиот прибор во операционата сала, како и од опремата за безбедно производство во прехранбената индустрија
Новите генерации ја гледаат својата иднина во информатичките технологии. Долгата транзиција резултира со затворање на многубројни индустриски капацитети, па инженерите-металурзи се најдоа во неповолна ситуација. Меѓутоа, ваквиот пад на интерес предизвика дефицит на овој кадар, што во овој момент е предност за сите идни студенти. Доколку ги привлекува и се пронаоѓаат во оваа вокација, сега е вистинско време за остварување на нивните инженерски амбиции бидејќи побарувачка има, како во „Еуроникел“ така и во многу други домашни и странски компании што работат во Македонија, вели директорот на „Еуроникел индустри“, Герасим Кујунџиев.
„Еуроникел индустри“ е значаен фактор во производството на фероникел на глобалниот пазар. Кои се новите трендови во оваа област?
- Од монети до облакодери, никелот е дел од современиот живот, вклучително и од медицинскиот прибор во операционата сала, како и од опремата за безбедно производство во прехранбената индустрија. Најактуелно, значењето на никелот во техничко-технолошкиот развој се огледува во неговата примена во неодамнешниот проект на SpaceX и НАСА и успешното лансирање на вселенското летало. По тој повод, инженерските експерти изјавија: „Вселената е тешка, но возможна поради никелот“. Конкретно во вселенскиот инженеринг никеловите легури се користат за ракетните мотори бидејќи единствено никелот ги овозможува потребната цврстина и термалните толеранции кои се суштински за вакви проекти. Растечка и стратешки важна е и примената на никелот во електричните возила.
Герасим Кујунџиев
Покрај овие исклучителни примери, 70 отсто од производството на никел се користат за производство на не’рѓосувачки челик. Токму во овој сегмент наоѓа пласман и никелот во форма на фероникел што се произведува во „Еуроникел индустри“. Фабриката во Кавадарци постои речиси 40 години, но најдобрите резултати ги постигнува во периодот од 2005 до 2015 година и сега со преземањето од страна на „Еуроникел“ и новите инвеститори во 2019 година производството повторно е во подем. Оваа година очекуваме дека ќе ги надминеме најдобрите резултати што досега ги постигнала оваа фабрика. Сето ова, секако, под услов дека и пазарните околности ќе бидат во наша корист, иако со тековните случувања, односно здравствената криза која преминува во економска, свесни сме дека ќе се соочиме - и веќе се соочуваме - со многу предизвици во реализацијата на нашите планови, но спремни сме и соодветно да се приспособиме. Секако, за успешна реализација на нашите планови и нашиот придонес кон домашната економија, поволната деловна клима, институционалната поддршка (особено во време на криза) и современите инфраструктурни решенија се основни критериуми.
Ако се земат предвид технолошките трендови, од една страна, кои се ветувачки, но и непредвидливите економско-финансиски трендови, од друга, се надевам дека во блиска иднина ќе имаме барем избалансирани услови на понуда, побарувачка и цена на светските пазари на никел.
Токму поради пазарната нестабилност и потребата за приспособување со цел да ја одржиме нашата конкурентност, работиме во повеќе насоки на одржливост. Клучен елемент е максимална искористеност на суровините, висок квалитет, а со тоа и намалување на производните трошоци. Овој пристап налага и иновации кои се мултидимензионални, па во таа насока континуирано работиме на развој на технологии со алтернативни енергенти, кои имаат повеќекратен бенефит, како економски така и во корист на заедницата и животната средина. Како пример ќе ја споменам замената на класични фосилни горива со алтернативни биогорива. Со нивна примена се заштедуваат природните ресурси, се употребуваат алтернативни горива за кои доколку не се најде примена, би се класифицирале како отпад, истовремено се намалуваат емисиите, а се намалува и производниот трошок. И ова е само еден пример од многубројните развојни активности што ги преземаме.
Каква е состојбата денес, дали и колку на „Еуроникел индустри“ му се потребни млади инженери и металурзи?
- Иднината на фабрики како нашата зависи од знаењето, стручноста, инвентивноста на инженерскиот персонал. Имајќи предвид дека производниот процес е пиро-металуршки, односно производство со топење на рудата на високи температури, што е всушност и најбезбедна технологија за производство на метали, во смисла на влијанието врз животната средина, токму металурзите се тие што истовремено ги креираат и реализираат развојните планови и стратегии на компанијата, секако, со поддршка од сите други кадри неопходни за реализација на поставените цели. Наше убедување како компанија е дека човечките ресурси се највредниот капитал на компанијата, впрочем можете да имате најдобри машини и опрема, но ако немате стручен персонал кој ќе го води процесот и кој ќе се стреми кон постојани подобрувања и со тоа постојано ќе се подобрува конкурентноста на компанијата, тогаш не може да очекувате значајни резултати, уште помалку дека долгорочно ќе се одржите на меѓународните пазари.
Во моментов, во „Еуроникел“ работат вкупно 82 инженери, од кои 31 металуршки инженер, а останатите се машински, електро, хемиски, градежни итн. Само во изминатите 2 години ангажиравме 9 нови, млади металуршки инженери. Во овој контекст ќе додадам дека компанија како „Еуроникел“, целосно извозно ориентирана, со огромна додадена вредност, бидејќи од основна суровина произведува финален производ, не само што е од суштинска важност за домашната економија во бројки туку и создава многу работни места интерно, но уште повеќе екстерно во стопанството, создава уникатни стручни кадри, кои придонесуваат кон развојот на индустријата, а во центарот на овие достигнувања е металуршкиот инженер, кој работејќи ја својата основна дејност, всушност, директно придонесува и учествува во успесите на компанијата и во општеството како целина.
Каква е соработката со Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје?
- Со еден збор би рекол исклучителна, каква што и треба да биде. Уште од времето на пуштање во работа до денес, фабриката отсекогаш е во тесна комуникација и соработка со Технолошко-металуршкиот факултет, кој е единствен во државата што продуцира металуршки инженери кои се од суштинска важност за нашата компанија и нашата дејност, а истовремено ќе се изразам со маркетиншки жаргон, ние сме голем дел од пазарот на кој факултетот пласира дел од својот „производ“ - металуршки инженери.
Како пример ќе наведам дека редовно е овозможувана пракса за студентите во нашата фабрика, нашата лабораторија, како и опремата за лабораториски тестови секогаш сме ја ставале на располагање за потребите на факултетот, многу дипломци и постдипломци ги напишале своите дипломски работи и тези токму врз основа на работењето на компанијата, а секако и факултетот секогаш ни излегувал во пресрет за сите наши потреби, а во негов домен и надлежност.
На кој друг начин ги мотивирате студентите?
- „Еуроникел“ како правен субјект е релативно нов и од основањето во јануари 2019 година главно се фокусиравме на постигнување на стратешките цели на компанијата и инвеститорот. Меѓутоа, ја користам оваа пригода да соопштам, иако ова сѐ уште не сме го дискутирале ни со Технолошко-металуршкиот факултет, а имајќи предвид дека наскоро ќе започнат уписите, дека за следната студиска година испланиравме 5 четиригодишни стипендии за најдобрите студенти на металургија. Под најдобри подразбираме ученици со одличен успех што ќе се запишат на насоката металургија и кои четири години ќе имаат просек, а секако награда и услов ќе биде работен ангажман во „Еуроникел индустри“. Освен овој класичен начин на мотивација, секогаш кога имаме практиканти, нашите инженери, кои се нивни ментори, се трудат да ги воведат во „тајните“ на металургијата и да им доближат колку всушност е возбудлива и самонаградувачка оваа професија.
Според Вас, каква е перспективата на идните дипломци на Технолошко-металуршки факултет? Има ли македонската индустрија капацитет да ги прими?
- Всушност, сведоци сме, а верувам дека професорите од факултетот ќе се согласат со мене, дека има пад во интересот на учениците за овие студиски програми. Мислам дека ова главно се должи на фактот што новите генерации сè повеќе ја гледаат својата иднина во информатичките технологии, за кои моментално има голема побарувачка, а од друга страна влијание имаше и долгата транзиција, т.е. приватизација во државата која, за жал, резултира со затворање на многубројни индустриски капацитети, поради што во еден подолг период инженерските кадри се најдоа во една многу неповолна ситуација. Меѓутоа, ваквиот пад на интерес од друга страна предизвика дефицит на овој кадар, што во овој момент е предност за сите идни студенти. Доколку ги привлекува и се пронаоѓаат во оваа вокација, сега е вистинско време за остварување на нивните инженерски амбиции бидејќи побарувачка има, како во „Еуроникел“ така и во многу други домашни и странски компании што работат во Македонија.
Што треба да се направи за да се стимулираат талентираните инженери?
- Зборувајќи од лично искуство, и самиот сум инженер по професија, можам да ви кажам дека за мене отсекогаш било предизвик да креирам и имплементирам нови и подобри техничко-технолошки решенија, кои ќе придонесат кон ефикасноста и крајните резултати на компанијата. Честопати овие решенија истовремено влијаат, односно создаваат корист и за другите засегнати страни, т.е. пошироката заедница. Уште поголемо е задоволството ако постигнете иновативен пробив, па вашата идеја се претвори во патент-технологија што ќе ја применуваат и други.
Но, секако, за еден инженер да ја оствари својата визија, потребни му се поддршка и ресурси. Тука ја гледам стимулацијата за талентираните инженери, важно е и тие да умеат да ја претстават својата идеја и визија, а еднакво важно е да добијат и поддршка. Секако, личните успеси на еден инженер мора да бидат и соодветно вреднувани и наградени, а кариерниот напредок во таков случај е неизбежен. Крајниот резултат во таков случај е висок степен на самореализација на самиот инженер, што е награда сама по себе.