Постигнувањето на долгогодишната цел во кариерата, како што е значително повисока плата или големо унапредување, може да дејствува како решение за целосно задоволство од работата.
Сепак, постои можност и по постигнувањето на оваа цел да чувствувате празнина, досада или да не сте исполнети. Професорот Џозеф Фулер од Бизнис-школата на „Харвард“ вели дека ова е нормално чувство. Според него, нашите кариери ретко ги исполнуваат очекувањата што ги имаме од нив.
Тој истакна дека истата логика важи и за секоја цел во кариерата што ја имате. Имено, доколку имате нереални очекувања дека покачувањето или промената на работното место ќе ги реши сите ваши проблеми или ќе биде токму онака како што сте замислиле, би можеле да се разочарате.
Тој предупредува дека вообичаените грешки во кариерата може да доведат до исцрпеност и незадоволство и напоменува дека овие грешки се резултат на нечесноста во одредувањето приоритети и компромисите што ги правите на работа.
- Тоа е советот што цело време им го давам на моите студенти - луѓето што се најнесреќни во своите кариери се оние што не биле искрени со себе за целите на кои сакаат да им дадат приоритет и за кои се подготвени да се жртвуваат за да ги постигнат - нагласува Фулер.
На пример, ако ви е важно да имате слободни викенди и да одржувате баланс помеѓу работата и животот, можеби нема да сакате да прифатите работа која бара од 80 до 100 часа неделно, дури и ако тоа е добро платена работа или работа со добра работна позиција.
Ниту една работа не е совршена, но секоја треба да се разгледа пред да биде прифатена. Затоа Фулер предложи да се распрашате за културата на компанијата, како таа го поддржува професионалниот развој, како одговара на предизвиците итн. Како што истакнува, наоѓањето работа што ви дава чувство на контрола и возбуда може да ви помогне да останете мотивирани.
Друг трик за постигнување задоволство во кариерата е да ги внесете вашите основни вредности во секојдневните работни активности.
Извор:
Klix.ba
Фото: Freepik