X
 11.11.2023 Култура

По повеќе од 50 години, решена мистеријата за еден од најславните албуми во историјата

На обожавателите на „Лед цепелин“ оваа слика им е позната - наведнат човек со бела брада, потпрен на стап, а на грбот носи лески.

Но, потеклото на сликата, која е на предниот дел на албумот на „Лед цепелин“, остана мистерија повеќе од половина век.

Сега е откриено дека станува збор за доцна викторијанска фотографија од човек од Вилтшир. Брајан Едвардс, научен соработник во регионалниот центар за историја на Универзитетот во Западна Англија, вели дека наишол на сликата во албум за време на истражувањето за изложбата во музејот „Вилтшир“, на која работел во 2021 година.

Тој барал стари фотографии од Стоунхенџ, а потоа наишол на една позната од англискиот рок-бенд.

- „Лед цепелин“ создаде музика која е со мене уште од моите тинејџерски години, па се надевам дека откривањето на оваа викторијанска фотографија ќе ги задоволи Роберт, Џими и Џон Пол - изјави Едвардс.

Објавен пред 52 години, на 8 ноември 1971 година, „Лед цепелин IV“ бил продаден во повеќе од 37 милиони примероци низ светот и вклучува една од најпопуларните песни на групата - „Satirway to Heaven“. На албумот немало никакви индикации за името на бендот или насловот. На предниот дел се наоѓа фотографијата од човекот, додека на задната страна на корицата на албумот има станбена зграда, за која се смета дека е кулата Салисбери во Лејдивуд, Бирмингем.

Се претпоставува дека пејачот на „Лед цепели“, Роберт Плант, ја пронашол фотографијата во продавница за антиквитети во Пангабурн, Беркшир, во близина на домот на гитаристот Џими Пејџ.

Истражувањето откри дека на сликата е Лот Лонг.

Оригиналната фотографија беше откриена во викторијанскиот фотоалбум насловен „Сеќавања од посетата на Шафтсбери, Витсунтајд 1892 година. Подарок за тета од Ернест“. Фотоалбумот содржел повеќе од 100 архитектонски и улични сцени и неколку портрети на рурални работници од Вилтшир, Дорсет и Сомерсет.

По дополнително истражување, Брајан открил дека станува збор за Лот Лонг, роден во 1823 година, а починал во 1893 година. Во времето кога била направена фотографијата, Лот бил вдовец кој живеел во мала куќа на патот Шафтсбери.

Фотографијата била направена од Ернест Хауард, кој бил првиот раководител на фотографска школа на Политехничкиот факултет „Регент Стрит“, кој е сега дел од Универзитетот во Вестминстер.

Оригиналната фотографија сега се наоѓа во музејот „Вилтшир“ во Девизес, а треба да биде изложена во јавноста во 2024 година заедно со другите фотографии направени во исто време.

Директорот на музејот, Дејвид Досон, изјави дека на овој начин ќе го прослават делото на Ернест, кој денес е речиси непознат, но секако е една од водечките фигури во развојот на фотографијата како уметничка форма.

Извор: Index.hr
Фото: Wiltshire Museum
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура