X
 12.03.2022 Образование

Најголемата градина на покрив во Азија произведува органска храна за студентите

Доколку ја прашате архитектката Кочакорн Вораком, градовите може да бидат дизајнирани за да се подобри животната средина. Нејзината работа го оспорува мислењето дека урбанизацијата мора да има негативно влијание врз планетата. Со својата фирма „Лендпроцес“, Ворахом дизајнирала зелен покрив на кампусот „Рангсит“ на Универзитетот „Тамасат“, на околу 40 километри од центарот на Бангкок.

Бангкок честопати е погоден од катастрофални поплави и според процени од Светската банка, околу 40 отсто од градот би можеле да бидат поплавувани секоја година до 2030 година. Новата структура на Вораком, која се простира на површина од речиси 22.000 квадратни метри, вклучува систем за управување со водата од полавата.



Но она што е најинтересно, структурата, отворена во 2019 година, ја има и најголемата еколошка градина изградена на покрив во Азија. Покривот има скалест облик на кој се засадени растенија со цел нивно полесно наводнување. Кога дождот паѓа на покривот, тој се спушта по скалестата структура и вишокот се канализира во четири езера кои служат како резервоари. Овој процес го забавува течењето на водата од дождот за 20 отсто во споредба со обичните бетонски покриви.

Структурата наликува на оризовите полиња кои се саделе во облик на скали во регионот. На покривните тераси има органски растенија, како ориз отпорен на суша, салата и зачини. Засадени се над 50 вида растенија, зачини и ориз. Градината може да ја снабдува мензата во кампусот со 20 тони ориз, зачини и зеленчук годишно, што е доволно за околу 80.000 оброци. Отпадот од храната се компостира.



Градината истовремено служи и како училница на отворено бидејќи на неа може да работат и да ја користат и вработените на универзитетот. Студентите се повикани да учествуваат и во сеењето и бербата.

Освен тоа, на покривот се инсталирани и соларни панели кои произведуваат 500.000 вати електрична енергија на час. Оваа енергија се користи за потребите на зградата и на градината.

Изградбата на проектот чинела околу 31,6 милион долари.


Извор: Green
Насловна фотографија: Instagram (printscreen)
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование