X
 12.06.2024 Живот

Во Југославија без ова не се одеше на гости - килограм шеќер во коцки, 100 грама кафе и ова чоколадо

Во Југославија се знаеше како се оди на гости. Шише вињак или ракија, килограм шеќер во коцки, 100 или 200 грама мелено кафе, а за децата чоколадо. И не кое било чоколадо, туку „брачо“ или „сека“, а кај повеќето и „брачо“ и „сека“.

Оние родени во СФРЈ со задоволство се сеќаваат на оние чоколади во сино и розово пакување што се продаваа низ цела Југославија, а ги произведуваше хрватската фабрика „Звечево“.

Тоа беше едно од омилените задоволства на децата во тие денови и без него не можеше да се оди на гости.

Познатите чоколади со момче и девојче на пакувањето почнале да се произведуваат во далечната 1957 година. На пакувањето прво имало илустрации, а од 1988 година се појавиле вистинско момче и вистинска девојка.

Кога се појавиле, фотографиите од овие две деца предизвикале големо внимание, па сите сакале да знаат кои се, чии се, бидејќи не била мала работа да се појавиш на чоколадо што се продава во земја со 22 милиони жители.

Повеќето од нив мислеле дека тоа мора да се деца на некој богаташ, некој функционер кој „средил“ да се најдат на пакувањето од чоколадото.

1
Фото: Index.hr

Девојчето на пакувањето од чоколадото е Теа Агбаба, ќерка на новинарот Градимир Агбаба и таа открива неколку интересни детали за тоа како се најде на чоколадото.

- Беше нормален ден и мислам дека бараа деца во градинките кои би можеле да се најдат на чоколадите, но цело време ме гледаа мене. Веднаш рекоа дека тоа ќе бидам јас - вели Теа и додава дека сите ѝ рекле дека тоа е прекрасна можност.

- Мислам дека ме избраа затоа што многу се смеев, браќата постојано ми велеа дека имам прекрасни детски образи и дека ги имам до ден-денес. Претпоставувам дека бев вистинско „мало девојче“ - вели таа.

Таа раскажа и анегдота за тоа дека не знаела дека на чоколадото ќе има и брат, кој е Ден Бабиќ, и дека воопшто не ѝ било јасно како некое непознато момче сега ќе ѝ биде брат, кога таа дома си има три браќа.

- Не го познавам лично „брачо“, но ме најде на „Фејсбук“ пред година-две и сега сме во контакт. Ми се чини како симпатична личност, заедно делиме едно одлично сеќавање од детството - вели таа. Теа 20 години живеела во Лондон, а потоа се преселила во Палма де Мајорка.

2
Фото: Index.hr

Чоколадото се продаваше на коцки бидејќи никој немаше пари да го купи цело


Најстариот бренд на чоколадо не само во Хрватска, туку и во регионот, е чоколадото „сека и брачо“. Ова чоколадо стана дел од идентитетот и колективната меморија на многу генерации. Но, во 1950 година кога почнало производството на првото чоколадо во „Звечево“, тоа едноставно било наречено млечно чоколадо. Бидејќи на пакувањето имало лик на слатко насмеано девојче, самите купувачи почнале да го нарекуваат „сека“.

- Се сеќавам, имав околу 5-6 години кога мајка ми ме испрати во блиската селска продавница да купам нешто. На полицата стоеше големо чоколадо од половина килограм со ликот на мало девојче. Продавачот го продаваше на парче бидејќи речиси никој немаше пари да го купи цело. Мајка ми ми рече да купам три реда чоколадо, едно за мене, а другите две за моите помали сестри. Веројатно беше пред Велигден бидејќи во тоа време чоколадо можевме да си дозволиме само за Божиќ и Велигден. Првото цело чоколадо од 100 грама го добив во 1961 година, кога завршив во болницата во Ловран за операција на 'рбетот, а ми ја донесе тетка ми Милка, која имаше повеќе пари од моето семејство - се присетува Марица Плоужек, шеф за развој на производи во „Звечево“ и креатор на многу актуелни чоколади.

Извор: 6yka.com
Фото: Facebook
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот