Првиот академски час е почеток на остатокот од животот на младите луѓе. Момент кога компасот на нивниот живот се насочува кон иднината што ќе го дефинира нивниот професионален пат. Во која насока ќе се движи нивната академска приказна, зависи од самите студенти, од нивната посветеност, упорност и желба за знаење. Но, во тој процес голема улога играат и изборот на факултетот, квалитетната образовна програма, стручноста на професорите, кои заедно ќе го насочат студентот и ќе го подготват за избор на идеалната професија. Преку иновативната студиска програма, практична работа и професори и предавачи со искуство од индустријата, првиот практичен ИТ-факултет во нашата држава -
Бреинстер Некст колеџ (Brainster Next College) нуди ваква поволна стартна позиција на своите студенти.
Покрај уникатниот модел за финансирање на тригодишните додипломски студии „Студирај сега, плаќај по вработување!“, факултетот, основан од едукативно-технолошката компанија
Бреинстер (Brainster) нуди студии во комбинација со практична работа. Студентите веќе втора година имаат можност да студираат на акредитираната програма Софтверско инженерство и иновации, а од оваа академска година почнуваат и предавањата за втората студиска програма Примена на информациски технологии – дигитален дизајн и интерактивни технологии, исто така, акредитирана од МОН. Тригодишните студии и за двете програми носат 180 ЕКТС, но и многу знаења, работа на реални проекти и можност за вработување.
На првиот академски час, кој се одржа неодамна, генералниот менаџер на Бреинстер Некст колеџ, Александар Клашниновски, на студентите им посочи колку успешноста на ова академско патување зависи од нивната посветеност, мотивација и труд.
- Ова е етапа во вашиот живот за која самите сте избрале да сте тука, затоа ќе ве замолам да го искористите тоа! Ова ваше академско патување многу зависи од вашата инволвираност, желба и мотивација. Ќе биде тешко, сте се одлучиле да учите за професија за која просечната плата во Македонија е 1.550 евра и уште повисока, ако работите во странска фирма. Сите ја знаат таа страна од приказната, но другата страна од приказната е дека платите се толку високи бидејќи таа работа не е едноставна. Ако беше лесно, сите ќе бевме софтверски инженери и ќе програмиравме. Од вас ќе се бара многу активност, многу работа, нема да биде едноставно и се надевам дека мнозинството од вас успешно ќе поминат низ овој процес. Но, ако се посветите, ви гарантирам дека успехот нема да изостане. Ќе имате можност да запознаете одлични професори и предавачи и од Македонија и од странство и да учите на практичен начин, што ќе ве подготви за реалната работа што ќе ве чека во компанија - истакна Клашниновски и им препорача на студентите да се вмрежуваат и да се дружат, бидејќи на факултет се стекнуваат вистински пријателства. Понатаму, во идните кариери многу се важни препораките и ќе им биде полесно да ги добијат од луѓето кои ќе знаат колку вредат.
Александар Клашниновски
Критичко размислување и меки вештини
На студентите од новата програма - UX/UI и графички дизајн Клашниновски им посочи: „Имајќи го предвид брзиот развој на вештачката интелигенција, важно е да стекнете вештини и во овој дел, но и да развиете критичко размислување. Тоа ќе ве издвои од сите други зашто, на крајот на краиштата, AI само ќе напредува, секој ќе може да дојде до некое UX/UI или графичко решение, но она што ќе ве издвои е тоа што ќе имате критичко размислување. Зошто сте креирале баш такво решение, која е психологијата на луѓето, да научите да бидете архитекти, да бидете пилотот во авионот, а технологијата да ви биде копилотот“.
Професорката Анја М. Макеска, која предава меки вештини на Бреинстер Некст колеџ, на студентите им рече дека како и во секоја врска што ќе ја создадат понатаму во животот, и на факултетот треба да има реципроцитет.
- Пред сѐ, на овој факултет ќе ви пренесеме знаење што ќе биде релевантно бидејќи сите професори што ќе ви предаваат буквално го дишат тоа што ќе го учите, го работат секој ден. Затоа ќе бидете постојано во тек со сѐ што се случува во моментот на пазарот, со сите трендови. Ќе го добиете знаењето, но на вас останува другиот дел - трудот и посветеноста и да дадете 100% од себе. Меките вештини што ќе ви ги предавам на часовите се многу поважни од техничките. Што мислите, што ќе се случи по три години студирање ако се појавите на интервју пред човечки ресурси на некоја компанија заедно со ваш колега од факултетот со кој сте ги имате истите оценки и знаење. Што е она што ќе ве разликува? Се разбира, меките вештини, со кои ќе почнеме да се запознаваме уште од првиот час.
Анја М. Макеска
Студенти - идни двигатели на општеството
Академската координаторка и предавач на колеџот, Ема Кастратовиќ, додаде дека покрај меките вештини, за кои се согласи дека се многу важни, студентите ќе имаат можност да го научат техничкиот аспект на својата идна професија.
- Дел од вашето време ќе биде посветено и на иновациите. Тоа значи учење претприемништво, знаење кое се однесува на стартапи, бидејќи ние веруваме дека голем дел од вас ќе бидат иноватори и ќе основаат сопствени компании. Она што ќе го учат студентите со мене е поврзано со овие теми и ќе совладаат како најдобро да ги искористат средствата што ги имаат и своите идеи и иновации да ги направат профитабилен бизнис.
Ема Кастратовиќ
Професорот Ивица Пешовски, кој на студентите на програмата Софтверско инженерство и иновации ќе им предава три предмети, исто така нагласи дека претстојните три години се нешто што ќе ги дефинира, насочи и буквално ќе го одреди патот на животите на секој студент.
- Од вас зависи како ќе ги потрошите овие три години. Можеби ќе сакате да се забавувате, можеби нема да сакате да се посветите на учење. Но, јас ве советувам да ги искористите максимално. Сите вие сакате да станете софтверски инженери за три години и јас ви честитам за таа одлука. За три години ќе треба да станете двигатели на општеството, од вас ќе зависат многу клучни системи, вие ќе ги развивате софтверите што ќе ги користат идните генерации, затоа треба да имате сериозно знаење и разбирање. Како софтверски инженери, ќе имате одговорност и затоа сакам сериозно да се посветите на учењето и да го разберете она што ќе го научите.
Ивица Пешовски
Студиска програма која ќе направи вистинска промена
Студентите, видно возбудени, со голем ентузијазам и желба да ги започнат своите студии, рекоа дека уште при првата средба со тимот на Бреинстер Некст колеџ знаеле дека тоа е вистинскиот избор за посакуваната ИТ-кариера. Уште од првиот ден ја почувствуваа убавата атмосфера и пријателско-менторски пристап на професорите.
- Бреинстер Некст колеџ, за разлика од другите факултети, понуди нешто поконкретно, различно, модерно, видов реален труд од самиот тим. Ова е програма која ќе направи вистинска промена во типот на школување и ќе нè подготви за реалниот живот и она што ќе нè очекува на работното место. За првата година, бидејќи веќе имам некое искуство во програмирањето, очекувам да видам нова перспектива на работите затоа што ќе бидам подучуван од експерти од сферата. Искрено, покрај учењето, најмногу се радувам на целокупното искуство што ќе го стекнам на факултетот. Покрај техничките моменти, важно е да развиеме комуникациски вештини, кодот веќе може да го прави и компјутерот, но затоа треба да развиеме повисок степен на комуникација, да бидеме подобри со луѓе, да ги развиеме оние меки вештини. Во иднина би сакал да имам своја софтверска компанија која ќе им го олеснува животот на луѓето - рече Милан Недев, студент во прва година на
Софтверско инженерство и иновации.
Ивана Илиевска од студиската програма по UX/UI и графички дизајн рече дека се одлучила за оваа програма поради тоа што сака да креира и иновира. Очекува да биде успешна, љубопитна и да не се откаже. Сака да тетовира и се надева дека во иднина би можела да ги спои овие две пасии во една и да го искористи целото стекнато знаење на факултетот во спој со тетовирањето.
- Оваа програма е нешто поразлично од сè што имаме кај нас. За факултетот дознав преку социјалните медиуми. Видов дека Бреинстер нуди академии, но не сакав да се ограничам на едно нешто, сакам да дознам за сите сфери од дизајнот, вклучувајќи го и ИТ-светот. Досега најголем впечаток ми остави начинот на кој функционира оваа образовна организација и како комуницира тимот со нас. Самиот пристап кој не е многу формален, но секако професионален, ни дава можност да бидеме поопуштени и да се вложиме најмногу. На другите би им препорачала да не чекаат и да го одберат Бреинстер Некст колеџ поради тоа што веќе бев на државен факултет и пристапот не е ни приближно ист - изјави Ивана.
(Комерцијална објава)