Просветен инспектор влегол во основното општинско училиште „Гоце Делчев” од Неготино во чиј двор, според снимката која вчера беше јавно објавена на интернет мрежата „Јутјуб“, а денес попладне беше недостапна за гледање, девојче било брутално претепано од други две девојчиња, во присуство на други деца. Ова видео предизвика лавина реакции на социјалните мрежи.
Директорот на училиштето Петар Мантев за МИА изјавил дека го гледал видеото и дека се преземени сите потребни мерки.
- Повикани се учениците и им е изречена педагошка мерка. До нивните родители се испратени писма за да дојдат на советување а известена е и полицијата – изјавил Мантев за МИА.
Тој рекол и дека децата што го тепаат девојчето на снимката биле проблематични и за нив и претходно имало изречени мерки.