X
 13.04.2018 Образование

Психолози за насилството врз ученичката во Неготино: Социопатолошко однесување, не е проблем само тепањето туку и сеирџиството

Тепањето во училишниот двор на основното општинско училиште „Гоце Делчев” од Неготино го гледале и други деца. Оваа снимка предизвика лавина реакции.

„Ова не е ниту прв, ниту единствен случај на насилство на деца врз деца. Го има се почесто и во сите градови“, коментира психологот Лидија Зорба откако на социјалните мрежи беше раширена видео снимка на која се гледа како две девојчиња брутално тепаат друго девојче. Тепањето во училишниот двор на основното општинско училиште „Гоце Делчев” од Неготино го гледале и други деца. Оваа снимка предизвика лавина реакции.


Фото: КолектифПрес
- Во основа се работи за социопатолошко однесување на деца кое е научено дома, во примарното семејство кое е дисфункционално и каде што има насилство – вели Зорба.

Тоа што никој не реагирал, туку сите гледале, објаснува, исто така не е чудно.
-Така ги учат дома, да седат настрана и „да не се мешаат“. Сеирџиството како модел на однесување стана типичен за македоноскиот менталитет и тоа децата го учат дома. Во училиштата пак, отсуствува воспитната компомнента во образовниот процес. Тоа се сериозни проблеми кои долго перзистираат и допрва ќе ги гледаме последиците – вели Зорба.

Психолози велат дека мора да се работи не само со децата, за да се превенира ваквото однесување, туку и со семејствата.
Инаку, просветен инспектор денес бил во училиштето. Директорот на „Гоце Делчев“, Петар Мантев за МИА изјавил дека го гледал видеото и дека се преземени сите потребни мерки.

- Повикани се учениците и им е изречена педагошка мерка. До нивните родители се испратени писма за да дојдат на советување а известена е и полицијата – изјавил Мантев за МИА.

Тој рекол и дека децата што го тепаат девојчето на снимката биле проблематични и за нив и претходно имало изречени мерки.
Подготвил: Наташа Бошковска-Златкова

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование