Иако матурантите оваа година
нема да полагаат државна матура бидејќи надлежните проценија дека учат во поинакви услови и е комплицирано и небезбедно да се организира тестирањето, сепак, 1.400 ученици што во минатите години не положиле матура, а се пријавиле, ќе го полагаат ова тестирање.
Ова е предвидено во Уредбата со законска сила за изменување и дополнување на Законот за средното образование. Предвидено е за учениците што во претходните учебни години положиле испити од училишна матура или завршен испит со четиригодишно траење и се пријавиле за полагање на испитите за државна матура во учебната 2019/2020 година, да се организира полагање на испитите за државна матура.
Ова важи и за учениците што во претходните учебни години почнале со полагање испити од државна матура, училишна матура, завршен испит со тригодишно траење или завршен испит со четиригодишно траење, но не ги положиле и се пријавиле за повторно полагање во учебната 2019/2020 година.
Министерството за образование и наука смета дека нема дискриминација за овие ученици по никоја основа и дека ќе им се обезбедат услови за полагање.
- Учениците од завршните години во оваа учебна година се ослободени од полагањето државна матура, училишна матура и завршен испит, имајќи предвид дека се изложени на стрес поради едукација во специфични услови, односно вонредна состојба иницирана од пандемија, кога образовниот процес се реализира на нетипичен начин и кога наставната материја не е реализирана во обем каков што би се реализирал доколку учениците посетуваа училиште. Ова не е случај со учениците од претходните учебни години, бидејќи тие не се соочуваа со ваков тип предизвици – далечинско учење, скратена наставна материја и слично, односно воспитно-образовниот процес за нив се реализира во вообичаени услови - ни одговорија од Министерството за образование и наука.
Станува збор за околу 1.400 ученици од минатите учебни години кои се пријавиле за полагање државна матура оваа година.
- За нив многу полесно може да се организира полагањето на крајниот испит во вонредни околности отколку за сегашната генерација која брои 13.200 матуранти - велат од МОН.
Родител на ученик кој лани не можел да полага матура бидејќи бил во странска земја вели дека ова е дискриминација на учениците.
- Мојот син лани не беше во земјава кога се организираа тестирањата, положи само интерни тестови во училиштето и проектна задача. Навистина сум шокиран од оваа одлука вакво тестирање да се организира за едни ученици, а да се смета дека не е безбедно за другите - вели таткото на ученикот.
Група родители испратиле и писма до министерот за образование и наука Арбер Адеми, да им објасни зошто е донесена ваква одлука кога причината за укинување на матурата е пандемијата и вонредната состојба која во Македонија сѐ уште трае. Но, МОН засега останува на истиот став - матура ќе има за овие ученици.