X
 14.04.2021 Наша тема

Аутизмот не е пречка за Ружица да матурира во музичко. Свири на три инструменти, изучува танци и е среќна на училиште

Од Ружица научив како да бидеш искрен и да си кажеш што мислиш во моментот кога со нешто не се согласуваш, вели професорката Тасева-Илиевска. Ружица, пак, вели дека најмногу ја засакала и почнала да ја изучува музиката откако се запишала во средното музичко училиште

„Од сите предмети што таа ми ги предава, најмногу сакам кога имаме народно пеење. Најинтересно ми е кога учиме нова песна и професорката ми помага на забавен начин да ги дешифрирам текстот и мелодијата за да ги научам правилно“. Ова се зборовите на Ружица Митева, 19-годишна девојка со аутизам, која е ученик во средното музичко училиште „Илија Николовски-Луј“. Таа посочува на професорката Гордана Тасева-Илиевска, која веќе четврта година, на еден непосреден и другарски начин, но сепак со сите професорски нишани, ја води низ светот на традиционалната/народна музика и игра.

Ружица има одлична соработка со сите професори, но Гордана ѝ предава најмногу предмети. Се запознале уште пред таа да се запише во средното музичко училиште и ова е нејзино прво вакво професорско искуство. Сепак, со помош на училишниот дефектолог и охрабрена од довербата на родителите на Ружица, двете го почнале ова прекрасно четиригодишно искуство на релација професор-ученик, кое летово ќе се круниса со матурирање на талентираната и музикална Ружица.



Потребна беше речиси една година за да си веруваме една на друга

Не е тајна дека изучувањето на музиката и воопшто практикувањето слушање и свирење на инструмент ги подобруваат комуникациските способности. Музиката ја охрабрува интеракцијата со другите, нешто со што имаат тешкотија лицата со аутизам. Додека слушаат одредена песна, тие деца можат да добијат дополнителна самодоверба да искоментираат нешто околу песната, па дури и да запеат. Танцот, исто така, убав начин за социјализирање на децата со аутизам.

- За да почне да разговара и за да можеме да почнеме да си веруваме една на друга, беше потребно подолго време, речиси целата прва година кога ѝ предавав само еден од стручните предмети, а тоа е предметот народно пеење. За секој од предметите што ѝ ги предавам на Ружица, претходно тематската единица ја споделувам со нејзините родители бидејќи еден од предметите се изучува преку физичка активност. Тоа е предметот народни ора, каде што преку кондициони или синхронизирани вежби се поставува одредено оро. За истиот час Ружица треба да се подготви дека треба да биде активна и послушна за да може истата тематска единица заедно со мене да ја совлада како и другите ученици од нејзиниот клас - вели професорката Гордана.



Ружица на посебен начин ја доживува музиката

Гордана смета дека за децата како Ружица, самото општество треба да навлезе и да го проучи она што тие го нудат. Ружица е одлично дете и по сите предмети покажува голем интерес и успех, вели професорката Гордана.

- Во нашиот училиштен центар сме имале многу ученици со попреченост и тие покажале огромен успех кога е во прашање музиката. Едноставно кога ги слушате како ја изведуваат музиката, имате чувство дека тие всушност преку нивната посебна емоција се изразуваат и нудат една посебна приказна. Тие знаат и да заплачат анализирајќи го текстот на песната што ја изведуваат. Знаат да заиграат и сето тоа ќе ви покаже како се чувствуваат и како ја чувствуваат музиката, а тоа е навистина еден посебен начин - додава Гордана.



- Најмногу ја засакав и почнав да ја изучувам музиката откако се запишав во средното музичко училиште. Со помош на моите родители, дојдов и се запишав во ова училиште и оттогаш многу од професорите ми помогнаа да ги засакам училиштето и музиката. Помагањето во сите предмети е различно, но некогаш добивам домашни задачи кои морам да ги завршам без нивна помош и тоа ми оди одлично - вели Ружица.



Во ова училиште си е своја, среќна и исполнета

Музиката сè повеќе ја охрабрува Ружица да сака да застане пред публика и да настапува. Омилени ѝ се народните песни, а покрај пијаното, кој и е прв инструмент, таа ги изучува и тамбурата и дајрето. Пред да се запише во средното музичко училиште, повеќе сакала да слуша забавна музика, но сега веќе еднакво ја сака и народната, изворна музика. Професорката Гордана вели дека Ружица за секој предмет си наоѓа нешто по што ќе го памети сработеното и притоа си има свој метод како да си го поедностави материјалот.

- Во насоката за традиционална музика и игра го свирам инструментот тамбура со професорот Тимко Чичаковски. Го изучувам и предметот пијано, така што и двата инструмента ми се еднакво омилени. Омилен предмет ми е народното пеење бидејќи сакам кога пеам и кога ја слушам музиката - вели Ружица.



- Во ова училиште ја изучува конкретно традиционалната музика и песна, а секако приватно знам дека си слуша музика од најразличен жанр. Одлично ги свири и совладува инструментите тамбура и дајре, а секако и пијаното, кое им е задолжителен предмет. Со сите соученици сама си комуницира, прашува и споделува одредени домашни задачи. Секако дека има голема љубов кон музиката и сметам дека навистина во ова училиште таа си е своја, многу среќна и исполнета. Тоа го покажува секој ден и речиси со секој предмет што го изучува - вели Гордана.



Пее и свири на три инструменти, а се надмина и во играњето ора

Професорката Гордана е воодушевена од довербата што ја добила од родителите на Ружица, како и од подршката на училишниот дефектолог. Родителите на Ружица покажуваат огромна почит и благодарност за нејзиниот успех овие четири години. Ружица буквално ги има надминато очекувањата на сите, особено во делот на играњето на ората каде што од самиот старт покажала дека и тоа може да го прави без проблеми.

- Никој од нас не очекуваше дека Ружица ќе постигне голем успех и толку многу ќе се развие во оваа насока. Сепак, таа покажа дека во играњето оро може да биде дел од нејзините соученици и да игра заедно и ритмично со нив. Пеењето го изведува без проблем, каде што одредена мелодиска линија ја изведува со сите нејзини постојни украси и тоа го прави со точна интонација. Инструментот го свири на нејзин посебен начин. Учествува на годишните концерти облечена во носија, пред голема публика. Учествува на сите јавни часови, каде што преку тие јавни настапи и самите родители гледаат дека Ружица е среќна и е помеѓу нејзиното второ семејство кое ја прифати како една од сите нас. Родителите со голема доверба ни ја доверија и ден-денес покажуваат огромна почит и благодарност за нејзиниот успех и посветеност во сите предмети - кажува Гордана.



Сакам да продолжам да пеам пред публика

Ружица не е единствената која од овие четири средношколски години ќе си замине со стекнато знаење. Професорката Гордана има многу научено од нејзината ученичка Ружица, пред сè, во вид на карактерна особина, кој ќе ја памети засекогаш. Ружица, која летово и официјално ќе матурира, веќе размислува за нејзината следна голема желба, а тоа е да настапува пред луѓе и професионално да се занимава со музика.

- Од Ружица научив како да бидеш искрен и да си кажеш што мислиш во моментот кога со нешто не се согласуваш и кога она што го бараат од тебе баш и не мора да го направиш тогаш. Секогаш ќе си ја паметам оваа нејзина карактерна особина. Во ретките денови кога нешто не ѝ се допаѓа, а предвидено е како тематска и наставна содржина, како наставник се соочувам со една поинаква ситуација, која кај другите ученици досега ја немам сретнато, а тоа е да ми каже: „Денес тоа нема да се работи. Јас слушав нешто друго!“ - завршува Гордана.



- Тоа што сакам да го правам, покрај музиката, е со моите родители да ги посетувам местата на кои има истакнато плакати за концерти и настани во периодот што следува и кои ќе се реализираат во нашиот град Скопје. Со музиката сакам да продолжам да се занимавам и да пеам пред публика, како и досега што правев - вели Ружица.

Фото: Борче Поповски
Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема