X
 13.05.2020 Образование

Приемни испити ќе има на уметничките факултети и на Архитектура, на другите само ако има потреба

Сметам дека приемните испити како супститут на државната матура не се во согласност со уставните принципи на владеење на правото, но за тоа ќе одлучат органите на Универзитетот како надлежни за ова прашање, а по претходно усогласување со факултетите, вели ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски

Квалификациони испити на факултетите најверојатно ќе има само на оние факултети на кои имало и во претходните години, како Архитектонски и уметничките. Со оглед на тоа што секоја година квотите за уписи не се пополнуваат, а годинава има и помал број матуранти, деканите не очекуваат да има потреба од приемен испит. Единствено ќе треба да се решава прашањето кој ќе биде примен ако се јави поголем интерес само за одредени популарни насоки.


 Без поголеми пречки би се одвивале квалификационите испити на уметничките факултети и на Архитектонскиот во август, споделуваат од државните универзитети. Неполагањето на државната матура го отвори прашањето за изборот на студентите за следната учебна година, особено на уметничките факултети, како и на оние каде што конкуренцијата е поголема. Засега раководствата на факултетите не сметаат дека треба да се воведе приемен испит за избор на студенти, особено што годинава бројот на матуранти е многу помал во споредба со претходните години. Годинава има околу 13.200 матуранти, додека лани државна матура полагаа 15.553 ученици.  

Никола Јанкуловски, ректор на УКИМ

Државната матура е општ услов, предвиден со Законот за високото образование за запишување студенти во прва година, посочува ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Никола Јанкуловски. Што се однесува до приемните испити, УКИМ и досега го имаше тоа право за дополнителни критериуми за упис, додава тој. 

- Сметам дека приемните испити како супститут на државната матура не се во согласност со уставните принципи на владеење на правото, но за тоа ќе одлучат органите на Универзитетот како надлежни за ова прашање, а по претходно усогласување со факултетите. По донесената уредба на Владата со која ќе биде регулирана оваа мерка, ќе направиме измени на предлог-конкурсот за запишување студенти во академската 2020/2021 година - појаснува Јанкуловски. 


Тој додава дека приемни испити на факултетите од областа на уметностите и на Архитектонскиот факултет секако ќе има. Не гледа никаква пречка приемните испити да се изведуваат со примена на превентивните мерки, носење заштитна маска, одржување физичка дистанца итн.

- Но, бидејќи приемните испити вообичаено се одржуваат на крајот од август, да се надеваме дека состојбите дотогаш значително ќе се подобрат и дека превентивните мерки ќе бидат уште порелаксирани. На УКИМ будно ги следиме состојбите и спремно и промислено ќе се приспособиме на сè што ќе биде потребно. Кај нас и досега пријавувањето за запишување во прва година се одвива електронски преку системот Iknow. Доколку условите го бараат тоа, апсолутно не гледам никаква пречка целата административна процедура целосно да биде завршена електронски  - објаснува ректорот. 


УГД: Онлајн-уписи и досега сме имале без проблем

Ниту на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип не гледаат поголем проблем во реализацијата на запишувањето студенти во прв циклус студии. Проректорот за настава, Мишко Џидров, вели дека во моментов не размислуваат во насока на воведување приемни испити.


Проректорот Мишко Џидров со своите студенти


- Се надеваме дека ситуацијата ќе се нормализира и дека ќе можеме да спроведеме уписи без потреба од дополнителни активности. Онлајн-уписи имавме како опција и досега, но сега тоа ќе важи за сите кандидати за сосема да се намали ризикот. Сепак, имаме факултети каде што се прават приемни испити и тука сме спремни да одговориме на ситуацијата - вели Џидров.

Ликовната академија при овој универзитет би го спроведувала приемниот испит во нејзиното ателје, кое е доволно големо за да можат кандидатите да полагаат без контакт и на доволна оддалеченост. Музичката академија ќе организира одделни термини за полагање во концертната сала, која е дел од академијата и е доволно голема за да не се изложат кандидатите на ризик. Исто така, ќе биде разгледана опцијата за доставување снимка од настапи на кандидатите, додава тој.

- Факултетот за образовни науки ќе се приспособи на ситуацијата и проверката на психо-физичките способности ќе се спроведува во претходно дефинирани термини во големи предавални во кои кандидатите ќе може да полагаат без контакт и на доволна оддалеченост. 
За студиската програма за современ танц аудицијата ќе се одвива преку онлајн-интервју и претходно испратени видеоматеријали и напишан краток есен од областа на современ танц - споделува Џидров.

Архитектонски факултет: Ќе обезбедиме непречена реализација на испитот


Примениот испит на Архитектонски факултет при УКИМ се реализира во континуитет веќе неколку децении, а целта е да изврши селекција на најдобрите кандидати што конкурираат на факултетот, објаснува проф. д-р Огнен Марина.

Проф. д-р Огнен Марина, декан на Архитектонскиот факултет - Скопје (фото: Мила Гавриловска)

- Поради специфичноста на процесот на евалуација на кандидатите на приемниот испит, Архитектонски факултет организира и подготвителна настава на која се врши обука на кандидатите и симулација на самиот приемен испит. Досегашното искуство покажува дека факултетот има успешен модел на селектирање на најдобрите кандидати. Самиот приемен испит се реализира согласно конкурсот за запишување студенти во првиот циклус на УКИМ и вообичаено е на почетокот од септември. Во услови кога се очекува дека и во наредниот период ќе се применуваат дел од мерките за заштита од коронавирусот, а кои пропишуваат практикување соодветна дистанца и носење заштитни маски, Архитектонскиот факултет ги разгледува различните опции за организација и реализација на приемниот испит, кој на максимален начин ќе ги заштити кандидатите и наставниците на факултетот, а ќе овозможи непречена реализација на приемниот испит со сите елементи на кредибилност на процесот - вели Марина.

Тој дообјаснува дека на факултетот веќе се размислува за различните просторни можности за реализација на приемниот испит.

- Тоа што со сигурност го знаеме во овој момент е дека на Архитектонскиот факултет, како и секоја година, ќе има приемен испит на кој ќе бидат избрани најдобрите кандидати и дека со ист ентузијазам и возбуда ќе ја пречекаме новата генерација на студенти на факултетот - завршува деканот.

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование