Д-р Мартин Николовски, вонреден професор по Физиологија на животните на Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, е прогласен за најдобар научник за ветеринарство и земјоделство за 2024 година.
Неговите истражувања се многубројни - само во последните 7 години има објавено 25 оригинални научни трудови во меѓународни научни списанија. Истражувањата во 2024 година придонесоа да се зголеми успехот на ин витро оплодувањето кај животните, да се создадат клеточни гаметни бази за оплодување стада овци со кои ќе се одржува нивната популацијата, меѓу кои и автохтоната овчеполската праменка, повисока стапка на гравидитет кај кравите, заштита на миленичињата до антимикробна резистентност и друго.
Најде начин да се одржи популацијата на овчеполската праменка
- Фокусот на мојата истражувачка работа е во моделирање медиуми за криопрезервација на машки гаметни клетки кај мали преживни животни. Најзначајниот резултат во мојот опус е зголемениот степен на преживување на клетките по длабоко замрзнување на -196 Целзиусови степени преку моделирање на стандардните криопрезервациски медиуми со користење хомологна семинална плазма и антиоксиданси, како што е редуцираниот глутатион. Наодот е значаен за државата бидејќи бројот на малите преживни животни има постојана тенденција на опаѓање во изминатите децении, особено овчеполската праменка како автохтон сој на овца. Преку успешно криопрезервирање на машки гаметни клетки се овозможува создавање на клеточни гаметни бази за оплодување матични стада на овци со кои ќе се одржува популацијата на праменката и другите - вели Николовски.
На оваа тема во 2024 година ја објави и студијата „Traditional versus novel components in sperm cryopreservation media“ (Традиционални наспроти нови компоненти во медиумите за криопрезервација на сперма) во зборникот од 15. Научен симпозиум „Reproduction of domestic animals” (Размножување на домашни животни). Во трудот се прикажани придобивките и предизвиците од користењето релативно нови и недоволно истражувани компоненти во криопрезервациски медиуми за машки гаметни клетки, како и користење нанороботи, за да се намалат крио-оштетувањата на клетките и да се зголеми успехот на ин витро оплодувањето.
Наодите ги презентира и на меѓународна научна конференција во Дивчибаре, Србија. Дополнително, истражувачкиот тим од Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ, во соработка со професори од Меѓународната хеленска универзитетска школа за геотехнички науки од Солун и од Универзитетот на Западна Македонија од Лерин, Грција, ги искористија наодите од овие истражувања за организирање научна работилница на меѓународната 27. Конференција на Европското здружение за репродукција на домашни животни (ESDAR) во Белград, Србија.
Препишувањето антибиотици без микробиолошко испитување кај миленичињата предизвикува резистентност
Николовски во 2024 година го објави и истражувањето за придобивките од користење прогестерон при топлотен стрес кај крави со цел да се постигне подобра синхронизација и повисока стапка на гравидитет. Во друг труд ги опиша придобивките од користење титрациска доза на трилостан кај кучиња со терминална фаза на хиперадренокортицизам во споредба со фиксна неменлива доза, потенцирајќи го намалениот интензитет на црнодробни оштетувања и подобрената клиничка слика. Наодите ги објави во меѓународното научно списание „Macedonian Veterinary Review“ (Македонски ветеринарен преглед).
Во друго истражување од 2024 година посочи дека препишувањето антибиотици без претходно микробиолошко испитување или изработување антибиограм е најголемиот ризик за појавата на антимикробната резистентност кај малите миленици во Македонија. Потоа следуваше уште еден труд со значајни податоци за преваленцијата на вирусот на хематопоетска некроза кај виножитната пастрмка во Македонија, при што се потенцира важноста од имплементирање биосигурносни мерки на рибните фарми. Наодите беа објавени во „Macedonian Veterinary Review“.
Истражувањата го одржуваат професорот во научна кондиција
- Факултетот за ветеринарна медицина поддржува и финансира научноистражувачки проекти во двегодишен циклус преку кој се обезбедуваат услови за истражувачки активности на наставно-научниот, научниот, соработничкиот кадар и студентите. Тој е долгогодишен партнер на Министерството за земјоделство во реализација на програма за заштита на биодиверзитетот, а од пред две години е вклучен и во програмата за подобрување на сточниот фонд преку научни активности - вели Николовски.
Како недостаток го посочува ограничениот и недоволен пристап до научните бази кои се важни за следење на најновите научни сознанија.
- Иако Министерството за образование оваа година обезбеди можност за регистрирање во базата на Web of Science преку нашите службени е-адреси, што е позитивен чекор во поддршка на науката, сепак, пристапот е ограничен на прегледување на насловите и апстрактите во базата, но не и на целосно преземање на научните трудови од списанијата со затворен пристап. Оттука, би ги охрабрил сите релевантни институции да продолжат во поддршката и инвестирањето во науката, почнувајќи со обезбедување сеопфатен пристап до релевантните научни бази - вели професорот.
Тој нагласува дека научното истражување треба да е еден од столбовите на кои се потпираат напредокот и искуството на еден универзитетски професор.
- Тоа е неопходно во процесот на високото образование, каде што студентите треба да го црпат знаењето од висококвалификувани кадри кои се во тек со најновите информации од науката и струката. Науката овозможува постојана вклученост на универзитетскиот наставен кадар во научно истражување, надградување, меѓународна комуникација и вмреженост, што е од исклучителна важност за одржување на научната кондиција кај универзитетските професори - заклучува Николовски.
Фото: приватна архива