X
 13.05.2022 Образование

Отворен ден на Факултетот за биотехнички науки – Битола

Средношколци од Битола и од соседните градови беа гости на Факултетот за биотехнички науки – Битола, кој во нивна чест вчера одржа Отворен ден проследен со производи од деловните партнери од агропрехранбениот сектор, работилница за сензорна анализа на вино и добра музика.

На овој начин матурантите имаа можност непосредно и директно да се запознаат со Факултетот, со професорите и студиските програми и што е најважно, со можностите за брзо вработување по завршувањето на студиите.


Фото: Факултетот за биотехнички науки – Битола

Воедно, Отворениот ден беше пријатна можност потенцијалните студенти на оваа единица да ги посетат лабораториите каде што се изведува практичната настава и научноистражувачката работа:

Лабораторија за биологија и микробиологија на храна;
Лабораторија за хемија, биохемија и хемиско-инструментални методи;
Лабораторија за млеко и млечни производи;
Лабораторија за месо и месни производи и
Лабораторија за екстракција на етерични масла од зачински и лековити растенија и детерминација на биолошки активни материи.

Со ваквите солидни инфраструктурни и технички предуслови им се овозможува на студенти, под менторство на своите професори, директно и непосредно да учествуваат во научноистражувачката работа на факултетот.


Фото: Факултетот за биотехнички науки – Битола

- Факултетот за биотехнички науки располага со сите потребни предуслови и ресурси, вклучително и интелектуалниот капитал кој го ставаме на располагање на нашите студенти и на дел од вас како наши идни студенти и кои сте заинтересирани за стручни занимања поврзани со сегашноста, но и со иднината, затоа што, да не личи на флоскула, без храна, особено безбедна и квалитетна, тешко е да се замисли животот воопшто. Ова само по себе говори колку нашите дипломирани студенти се потребни во економијата и барани на пазарот на труд. Соочувањето со ковид-кризата уште повеќе нè упатува кон овие важни, суштествени прашања кои денес, повеќе од кога било, водат кон нови стратегиски пристапи на теми поврзани со квалитетна, зелена и безбедна храна - истакна деканката на Факултетот за биотехнички науки-Битола, проф. д-р Гордана Димитровска.

Во пресрет на уписите, Факултетот за биотехнички науки ги потсетува матурантите и идните студенти дека на оваа единица на УКЛО наставата ќе се одвива на акредитирани студиски програми на прв циклус студии: КВАЛИТЕТ И БЕЗБЕДНОСТ НА ХРАНА; ЗООТЕХНИКА; AГРОМЕНАЏМЕНТ И ХРАНА И ДИЕТЕТИКА (НОВА СТУДИСКА ПРОГРАМА).


Фото: Факултетот за биотехнички науки – Битола

Во однос на новата студиска програма, Храна и диететика, продеканката за настава, проф. д-р Елена Јошевска, изјави:  

- Воведувањето на мултидисциплинарната студиска програма ХРАНА И ДИЕТЕТИКА ќе ја прошири понудата на студиските програми на нашиот факултет и ќе овозможи профилирање на високопрофесионални кадри од полето на биотехничките науки. Фокусот на студиската програма е храната и диететиката, која се заснова на превентивно и поддржувачко дејствување преку производството и безбедноста на храната (прехранбеното инженерство) почнувајќи од нива до трпеза, во функција на здравјето на потрошувачите. Опфаќајќи го тој производен синџир, преку кој нашиот факултет ги покрива наставните дисциплини и диететиката како основа за одржување на човековото здравје од тој аспект, е оправдана целта за воведување на ваква програма.

- Во рамките на Erasmus + програмата можеме да се пофалиме дека бележиме најголем број реализирани мобилности со партнери од странски универзитети со кои имаме склучено договори за соработка. Факултетот остварува успешна деловна соработка со стопанските субјекти од агропрехранбениот сектор од регионот и посебно радува тоа што постои интерес за платена пракса за студентите од нивна страна - вели продеканката за финансии, проф. д-р Катерина Бојковска.


Фото: Факултетот за биотехнички науки – Битола

Освен намерата да се доближат до младите луѓе, целта на овој настан е да се стави акцент на фактот дека животот денес повеќе од кога било е поврзан со науките за храна, што доведува до што поголема побарувачка на пазарот на трудот.

Приоритет и интенција на Факултетот за биотехнички науки-Битола, при Универзитетот ,,Св. Климент Охридски’“, е да им овозможи на младите да стекнат знаења и компетенции и својата иднина да ја пронајдат во својата татковина.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование