За да се реализира овој предизвик, потребни се три работи: одлична психо-физичка кондиција, редовно внесување храна и течности, и одлични пријатели кои ќе ве заморуваат со разноразни муабети за време на искачувањата. Ние, за среќа, ги имавме исполнето сите три услови. Особено со пријателите, одлични беа, споделува Никола
Никола Нешкоски и Александар Буковски го реализираа подвигот Еверестинг. Еверестинг е предизвик кој најчесто се реализира со велосипедизам, трчање или пешачење и е потребно без прекин во еден ден да се направи вкупно искачување од 8.848 надморска височина, колку што е висината на највисокиот врв во светот - Монт Еверест.
Тие успеаја за 19 часа да го искачат Водно 19 пати. Досега неколку лица се нафатија кај нас на овој интересен и интензивен предизвик.
-Се нафативме на овој подвиг за да се тестираме себеси, да видиме што и колку можеме. Ова е интересен и тежок предизвик од секој аспект, и тоа нѐ најмногу привлече. Инаку, интересно е чувството бидејќи во самиот подвиг Еверестинг не е дозволено спиење. Идејата е да се искачат минимум 8.848 вертикални метри (елевација) без спиење, по една иста патека (односно сегмент), со тоа што битно е качувањето, додека симнувањето може да се направи на каков било начин (автомобил, велосипед, пешки). Ние одевме нагоре пешки (планинарење), додека надолу се симнувавме со автомобил на струја, жичница и велосипед. Ни требаа 19 часа за да го реализираме целиот предизвик - споделува Никола.
Најтешко беше единаесеттото искачување на Водно
Како што споделува тој, напорот ги стигнел некаде на средина, на десеттото, единаесеттото искачување, кога почнало затегнувањето на нозете.
- Единаесеттото ни беше најтешко искачување. Но тој момент кратко траеше, не би го нарекол криза, едноставно мал замор. Веќе од 12. искачување буквално се рестартиравме и продолживме со полна пареа до крајот – додава тој.
Предизвикот трае долго, и ден и ноќ, цело време тие се во акција и токму тоа го прави тежок и интересен, секако и недостижен за секого.
- Подготовките не се од сега, односно и јас и Александар низ годините сме активни, особено на велосипед, но во последниве години и со планинарење. Редовни искачувања на Водно, редовни на повисоки планини, долги тури ни беа последните подготовки, ако можат да се наречат. За да се реализира овој предизвик, потребни се три работи: одлична психо-физичка кондиција, редовно внесување храна и течности, и одлични пријатели кои ќе ве заморуваат со разноразни муабети за време на искачувањата. Ние за среќа ги имавме исполнето сите три услови. Особено со пријателите, одлични беа – споделува Никола.
Уште една реализирана авантура
Вели дека прво што ќе го потсетува на овој ултраекстремен подвиг е возбудата пред тргнување, знаејќи дека ќе трае долго и дека ќе биде напорно.
- Можеби тоа дека на син ми му го носев количето (голф 1) на сите качувања - како што побара и како што ни е традиција. Каде и да одам или ако правам нешто поинтересно, ми дава да го „прошетам“ количето. И, секако, се бодревме со мислите дека што сме почнале, ќе го завршиме. Единствено нешто кое мислевме дека може да ни направи проблем (мал ризик) е доколку се појави некоја ненадејна повреда, па да мора да се откажеме. Но, како што и беше очекувано, тоа не се случи – вели Никола.
За него како неуморен авантурист, ова е уште една реализирана авантура.
- Сѐ што правам сакам да ми претставува добар спомен, добра приказна. Еверестингот ни беше еден вид тестирање на себеси колку можеме. Овој предизвик заврши, размислуваме за нешто ново – ни навестува Никола.
Фото: приватна архива