Државните факултети на нивните веб-страници никаде не прикажуваат каде се применуваат нивните научни сознанија. Мора да создадеме систем, модул, платформа и да ги систематизираме тие знаења на едно место. Ние не ги знаеме бенефитите од имплементацијата на научната работа на другите
Декани, универзитетски професори, високообразовен кадар од сите области на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ собрани на едно место за да го прослават Светскиот ден на науката (10 Ноември). Им се обрати продеканката за наука на Педагошкиот факултет, проф. д-р Маја Рауник-Кирков, која успеа да ги остави без зборови оти имаше нешто многу важно да им каже. Нејзиното впечатливо обраќање нѐ измотивира да поразговараме на повеќе теми што се однесуваат на македонската научна мисла и како таа се применува во образовниот процес.
Рауник-Кирков е дел од наставниот кадар на Педагошкиот факултет од 1999 година. Претходно била професорка во гимназијата „Јосип Броз Тито“, каде што предавала ликовна уметност и е една од професорките што учествувале во основањето на меѓународната матура. Таа е автор на учебници, прирачници за наставници и воспитувачи и е посветена на научноистражувачката дејност во областа на ликовната педагогија.
Маја Рауник-Кирков
Каде е местото на научните истражувања во образовните програми? Зошто тие знаења тешко се вклучуваат во образовниот процес?
- Сите професори и научници во академското образование во рамки на своите професионални активности имаме многу настапи, во земјава и во во странство, каде ги презентираме научните сознанија, но немаме увид во нивната имплементација во образовните процеси. Сѐ се сведува на индивидуална свест на професорите и на нивната проценка што тие мислат дека треба да им пренесат на учениците/студентите. Но, не станува збор само за нашите лични сознанија. Кога одиме на конференции, среќаваме колеги од различни места и учиме, дебатираме, се спротивставуваме... Така и ние растеме и учиме, се надоградуваме со актуелните сознанија. Направив истражување кое ми покажа дека нашите факултети на нивните веб-страници никаде не прикажуваат каде се применуваат научните сознанија. Мора да создадеме систем, модул, платформа и да ги систематизираме тие знаења на едно место. Ние не ги знаеме бенефитите од нашата научна работа. Ни треба место каде што ќе можеме да поставуваме интерактивни содржини. Зошто да немаме комуникација помеѓу различни катедри? Светот тоа одамна го прави и повеќе знаења ќе дојдат во мојата училница, како и во предавалните на другите колеги.
Еве, на пример, искуството од Хрватска – таму имаат Универзитетски компјутерски центар. Студентите и професорите имаат лозинки и можат да влегуваат во предавања на повеќе факултети. Или, на пример, ако сакате некој материјал да ѝ го испратите на одредена група, да поставите програма за тековна работа или да сумирате резултати.
Нобелова награда за економија за 2018 година доби Теоријата за раст која вели дека колку се инвестира во човечки капитал, во едукација и во иновации, толку повеќе се зголемува економскиот раст. Зошто да чекаме 20 години за да го воведеме тоа, кога знаеме дека науката го потврдила со највисока награда дека е точно, без разлика дали сме биле скептични претходно.
Другите универзитети можеби се помали и можат полесно да се организираат. УКИМ е најголем и најстар во нашата држава и најдобро рангиран во светски рамки, што претставува и обврска за имплементација на современите начини на учење. Многу од колегите од различни факултети на УКИМ во рамките на своите предавања и вежби ги имплементираат научните сознанија, но потребен е систем во кој тоа ќе биде видливо и за останатите.
Кај нас интернет-страниците на факултетите се сиромашни, имаат основни информации. Веб-страниците се лични карти на факултетите. Но, не може сѐ да се објави таму. За активна и квалитетна работа потребна е посебна, натфакултетска платформа на која ќе ги имаме, на една страна, активностите според области, ќе знаеме што и како да селектираме.
Вака имаме нецелосни информации. Ни треба систем за онлајн-учење. Со моите студенти најчесто комуницирам онлајн. Дел од нив се вонредни. Времето е најскапо. И комуницираме многу лесно.
Дали доволно се консултираат стручни лица од кај Вас кога се создаваат реформи?
- На студентите постојано им кажувам дека во нивната професионална кариера ќе имаат секакви процеси на реформи. Нормално е да има промени и ги учам да ги поддржат и да ги сакаат. Замислете денес децата да учат според програма од која сум учела јас, на пример, пред 40 години? Јас верувам дека секој тим што се зафаќа со промени има свое поле на експертиза. Треба да се вклучуваат повеќе и одделенски и предметни наставници. Резултатите од ПИСА кажуваат дека мора од корен да се работи, да се интересираме за децата од прво одделение и децата да имаат континуитет во образованието. Практичарите се многу важни и тие треба да бидат вклучени во реформите, но вистински носители треба да бидат професионалци од секоја предметна област, никако не доминантно педагози.
Јас лично бев поканета да се вклучам во реформите во основното образование, но барав ликовното и музичкото образование да не се спојуваат во еден предмет, како што беше интенцијата. Тоа е погубно за целата култура на сите нови генерации и е потполно непознавање на развојните карактеристики на децата – когнитивни, моторички, емотивни. Во тоа не успеав и се повлеков.
Денес е многу тешко да им се задржи вниманието на децата во училиште. Дали денешниот кадар е подготвен да работи со новите генерации?
- Дете не може да седи мирно пет часа. Јас ве уверувам дека новите генерации едукатори што сега завршуваат се поподготвени за децата. Некои од колегите што завршиле пред повеќе од 20 години не ги знаат современите дидактички средства, а можеби и не се секогаш информирани за нив. Секаде се оди со дополнителни едукации, семинари, и тоа функционира нормално. За да напредуваат во нивната професија, наставниците треба да посетуваат конгреси, конференции, но и часови по едукација. Тоа треба да биде подобро организирано, помасовно и да се сфати како обврска, а особено се однесува на одделенските наставници. Имаше период кога наставниците беа заплашувани со казни. На Државниот просветен инспекторат работа му е да го следи квалитетот на часот. Јас сум пресреќна кога некој доаѓа да го гледа мојот час за да го прашам дали нешто правам како што не треба. Ние можеме да имаме совршена програма, ама ако немаме соодветни начини и методи тоа да го примениме, џабе ни е сѐ.
Без разлика на разните притисоци, професорите се возрасни личности кои се компетентни да држат настава на деца од одредена возраст. Посебно деликатна е детската возраст и тие треба да им создадат желба за знаење. Порано тоа што било девизата „читај, разбери, повтори“ сега веќе е „анализирај, процени, сподели, креирај“, а не да се повтори буквално. Зошто на дете да не му се даде домашна задача да направи нешто на компјутер? Знаете ли колку ќе биде среќно и позаинтересирано за таа област?
Образованието бара пари, опремени училници... Верувате ли дека еден наставник може да ги замени дидактичките недостатоци? И да ги надмине другите проблеми?
- Кога сакаме нашето дете да го запишеме во градинка, важно ни е која ќе биде воспитувачката или во училиште - учителката. И правиме избор. Не смееме да кажеме дека сите наставници се лоши. Напротив, нашиот образовен систем, и покрај сите проблеми, едуцира квалитетни кадри. Има професори кои ја сакаат својата област, имаат доволен интегритет и не дозволуваат проблемите да навлезат во нивната училница. Но, ништо не нѐ амнестира дека треба да бидеме врвни професионалци во тоа што го правиме.
Проф.д-р Маја Рауник-Кирков
Во нашиот образовен систем родителите мора да работат со децата. Колку, всушност, тие треба да бидат вклучени во учењето на нивните деца?
- Не постои во Европа земја каде родителот има обврска да работи со детето на домашната и наставникот не треба да задава такви домашни задачи, на пример, „родителите нека да ви постават задачи за дома“. Во поразвиените земји е илузија да му се помага на детето во учењето, сѐ се завршува во училиштето, каде што треба. Родителите не се професионалци - едукатори. Кога ќе се види дека некоја тематска единица застарела, наставникот не треба ни да ја реализира. Жал ми што сите деца ги немаат истите добри наставници.
Знаете ли под каков стрес се децата во ситуација кога ќе треба на наставникот да му кажат дека немаат домашно затоа што тоа е несоодветна задача и не ја разбираат. Во нашиот систем имаме ад хок-внесување програми, непроверени, научно непотврдени... и затоа е потребно професорите што работат во највисоките институции да ги проверуваат учебниците пред да бидат пуштени во употреба.
Како да се мотивираат подобрите матуранти да дојдат да учат за едукатори?
- Има една анегдота. Имено, во Финска имаше Американец кој правеше анализа за нивниот систем и дошол во Министерството за образование и ги прашал кое е подобро училиште, каде да го запише своето дете. Го прашале каде живее и му рекле да оди во најблиското школо, дека е доволно добро и дека сите се исти.
Ние мораме да го обезбедиме квалитетот, прво со селекција на кадар, менаџери на училиштата. Последните години имаме матуранти со подобар успех кои се запишуваат. Селекцијата во другите земји за наставнички факултети е навистина построга. Во другите земји мотивот се постигнува со висината на платите што подоцна креира високо јавно мислење за наставничката професија. Не треба да измислуваме нешто ново. Љубов, мотивација е една работа, но она што општеството го признава како квалитет, треба да се вреднува и финансиски. Кога ќе биде така, ќе имаме мотивирани млади што ќе ја сакаат професијата. Но, не се нафаќаат да се запишат на Педагошки факултет, а се со врвни квалитети, одбираат професии кои се подоходовни. Тоа кажува колку општеството го цени нивниот труд.