Отсекогаш сум била упорна и истрајна во секоја работа, па така беше и за моето академско образование. Никогаш не бркав просек, едноставно учев со многу љубов и труд, а успехот и просекот сами дојдоа, вели Деспина
Деспина Буцевска е дел од наградените најдобри дипломирани студенти за учебната 2022/2023 година според Ректоратот на УКИМ. Наградата ѝ претставува голема чест и одговорност да го продолжи своето образование со уште поголем ентузијазам.
- Ова беше огромен поттик за мене и потврда за макотрпната работа во изминатите четири години додека бев студент. Искрено се радувам што беше вреднуван мојот досегашен труд и се надевам дека и понатаму ќе бидат ценети вистинските заложби и вредности - вели Деспина.
Вистинскиот избор за мене - македонскиот јазик.
Основното образование го завршила во ООУ „Браќа Миладиновци“ во Скопје со сите петки.
- Откако научив да пишувам, не го оставив пенкалото и постојано нешто пишував, смислував и творев, па така некако спонтано ми се јави желбата да се запишам во СУГС гимназија „Орце Николов“ каде што исто така завршив со сите петки, сите четири години, но колку и да изгледа тешко и неостварливо, имаше многу дружење, излегувања, посета на разни настани и убави спомени, а секако доказ за тоа се неколку другари и другарки со кои и ден-денес комуницирам и ми се огромна поддршка. Веројатно несвесно, и покрај противењата на професорите кои мислеа дека подобро ќе се снајдев ако се запишев на некој од техничките факултети, знаев што е вистинскиот избор за мене - македонскиот јазик. Имав одлични професорки во основно и во средно и тие само ја поттикнаа мојата желба да се запишам на Филолошкиот факултет и да го студирам тоа што најмногу го сакав - ни сподели Деспина.
Како најголем предизвик го издвојува периодот додека наставата се одвиваше онлајн поради пандемијата.
- Немавме никаков физички контакт со никого, ниту ние ниту професорите знаеја колку тоа може да трае, но сите некако добро се снаоѓавме. Учев континуирано затоа што сметам дека тоа е клучно за секаков успех и колку можев се надградував надвор од тоа што се бараше од мене на факултет. Секако, не смеам да ја заборавам мојата колешка Јорданка, која ми беше огромна мотивација за сè затоа што на свои 68 години дипломира по вторпат и четири години неуморно учевме, се консултиравме и дружевме. Таа ми е доказ дека човек учи додека е жив и не смее да застане ни за миг - ни изјави Деспина.
Најголема мотивација ѝ се семејството, пријателите и колешките од факултет.
- Отсекогаш сум била упорна и истрајна во секоја работа, па така беше и за моето академско образование. Никогаш не бркав просек, едноставно учев со многу љубов и труд, а успехот и просекот сами дојдоа. Тоа би ги советувала сите студенти: редовноста, постојаноста и упорноста се клуч за секој успех. Едноставно правев нешто што го сакам најмногу и нешто за што очигледно сум имала добра основа и професори кои и понатаму го извлекуваа најдоброто од мене. Тоа продолжи и на факултет. Имав извонредни професори кои ме мотивираа и учењето, иако некогаш знаеше да биде доста напорно, не беше некоја тешка обврска, туку задоволство. Од сите предмети што ги слушав во текот на тие четири години на Катедрата за македонски јазик омилени ми беа Старословенски јазик, Споредбена граматика на македонскиот јазик, Историја на македонскиот јазик, Лингвостилистика, но ги истражував и учев за современите состојби на јазикот. Со некои од овие полиња би сакала да се занимавам и понатаму - истакнува Деспина.
Мојот просперитет го гледам во Македонија
По дипломирањето добила понуда да биде професорка по македонски јазик и литература во гимназијата каде што завршила. Засега размислува за продолжување на постдипломски студии.
- Како дипломиран професор по македонски јазик и литература, сметам дека се неопходни реформи во образованието на сите рамништа. Потребни се нови учебници, повеќе да се обрне внимание на огромното влијание од другите јазици, особено англискиот, и некако да се намали тоа. Неодамна бев од другата страна на катедрата и знам со какви предизвици се соочувавме како генерација, но сега како професор мислам дека поединец не може многу да промени ако нема поддршка од луѓе што го делат тоа мислење. Мојот просперитет го гледам во Македонија, сепак, има надеж дека ние како идни генерации можеме нешто да промениме на подобро и зошто да не ѝ вратиме на државата што вложила во нас? Не сум размислувала за надградување на знаењето во странство, но зошто да не? Секако, потоа би се вратила овде. Оптимист сум дека може да се променат работите на подобро за сите - подвлекува Деспина.
Фото: приватна архива