Интервју со Давид Нешкоски: Блузот ме зароби со својата магија и не верувам дека ќе можам да се “излечам” од таа завист барем во наредните 5 - 6 децении
Давид Нешкоски е млад гитарист со не толку мало музичарско искуство. Од својата 12 година настапува активно со македонскиот блуз бенд “Crossroad blues band”, во кој буквално пораснал и се оформил како музичар. Неговиот талент е забележан и од многу постари и признати музичари (Венко Серафимов, Влатко Стефановски) со кои има остварено заедничка соработка. Блузерскиот тон на неговата гитара измиксан со американските ритмови создава специфичен и уникатен звук пријатен за секоја генерација.
Сунаи: Познавајќите како дете од школските клупи кој секогаш ги истакнуваше своите афинитети кон музиката и сликарството би си земал за право да кажам дека си израснат пред се во семејство со високо морални вредности во македонското општество.
- Па би рекол дека сум исраснал во семејство со високи музички вредности. Моите се музичари од многу одамна па и до ден денес, што ме навлекоа и научија што е тоа музика, што е тоа култура на слушање и што е тоа уметнички начин на живот. Мислам дека тоа е основата на се што сум, што сакам да бидам во иднина.
Сунаи:Давид на самиот почеток дали би можеле да направиме еден музички осврт кон твоите корени, и кога одлучи дека занимавањето професионално со музиката ќе биде твојот животен пат?
Давид: -Јас се занимавам со музика од многу рана возраст. Почнав да музицирам уште на 7, 8 години што со текот на времето земаше се поголем и поголем замав во мојот како личен, така и професионален живот). Можам да кажам дека прилично рано во процесот на музичка наобразба. Музиката стана голем дел од мојот карактер како личност, како индивидуа уште од рана возраст и кога дојдов во контакт со гитарата и сите нејзини убавини, едноставно ме зароби со својата магија и не верувам дека ќе можам да се “излечам” од таа завист, барем во наредниве 5,6 децении.
Сунаи:Зошто реши да се одделиш од Cross Road Blues Band, и да градиш соло кариера?
Давид: -Кога се наобразуваш не само во музиката, туку и во секоја друга област има левели на наобразба и стадиуми на зрелост. Причината за моето одделување и градење на соло каритерата беше поради тоа што почнав да пишувам песни кои немаше каде и како да ги изразам. Со текот на времето ми тежеа како неостварен сон, кој порано или подоцна морав да го реализирам. Да ја снимаш, свириш и пееш музиката која што ти си ја создал е неописиво чувство. Тоа е едно место каде можеш да ја отвориш душата и да пееш за сите грешки, маани и недостаци, како и убавини кои си ги видел и поминал, и луѓето го прифаќаат така како што е.
Сунаи:Memphis Blues, композиција на Вилијам Хенди од 1913 година е традиционален облик на блузот, додека “Wild Night Out” е твојата родоначалничка соло трака од 2012 година. блузот е твојата основа при твоето музицирање – но кои се другите музички стилови и музички ѕвезди кои имаат влијание при твоето творење во твојот прв соло албум Magical Dreamland?
Давид: -Вистина е дека блузот е основата на мојата музика, како и творештво, но јас слушам и попримам влијанија од многу места и стилови во бескрајното море наречено музика. Ги пратам сите нови моментални светски трендови, и се трудам да го спојам моето, исконското, блузот – она што сум јас, и тоа што е денес - тоа што ќе биде во иднина. Јас учев/учам од Jimi Hendrix, Stevie Ray Vaughan, Joe Bonamassa, John Mayer, Eric Clapton и уште стотици други.
Сунаи:Today Tomorrow е твојот втор албум во кој се јавуваш и како кантавтор – би можел ли да ни ја дооловиш целата приказна при остварување на ова дело кое содржи 10 композиции?
Давид: - Today Tomorrow е втората епизода од приказната. Тоа е една поусовршена верзија на тоа што е Давид Нешкоски Трио, како и збогатено со повеќе инструменти, побогати аранжмани, од тоа што сакам да го прикажам во првиот албум Magical Dreamland. Таму беше триото како целина и само тоа, реализирајќи blues/rock ориентирана музика, а додека тука во второто “чедо” има збогатена приказна на основа на тоа што го правевме порано. Приказната е развојот, напредокот. Во албумот има гитарски, љубовни, тажни, весели, бендовски, соловски моменти кои можат чисто да се забележат. Тоа е албум каде имам и гости – интернационални. На една композиција ми гостуваше еден од најдобрите гитаристи на овие простори и пошироко – Дамјан Пејчиноски. Исто и на друга композиција ми гостуваше еден мој добар пријател од Англија, Virgil McMahon од бендот Virgil and the accelerators. Тоа е човек со што беше избран за најдобар блуз гитарист на годината на европско ниво и е одличен музичар за кој имам голема почит.
Сунаи:Која песна од твоите албуми најмногу го отсликуваат нашето општество во моментов?
Давид: -Во повеќе композиции има слики од тоа што се случува тука и овде. Ако морам да оддвојам некоја, би рекол (Fear of) Beauty, на вториот албум Today Tomorrow. Тоа е еден мој поглед на ова денешно македонско живеење со сите свои маани и доблести.
Сунаи:Колку што знам работиш сам, сметаш ли дека имаш потреба од менаџерска куќа?
Давид: -Генерално да. Одвреме навреме добивам помош од менаџери и куќи, но тоа е само мал дел од тоа што го правам. 90% од работата сам ја работам и секако дека би било добредојдена помош од професионална менаџерска куќа, со која би можел да го поделам товарот и обврските, нормално. Но како што викаат, се во свое време, се надеваме на најдоброто.
Сунаи:Твојата оригиналност и автентичност во музиката надалеку е препозната и призната. Би можел ли да направиш споредба со тоа колку домашната публика во споредба со странската публика го прифаќа жанрот на музика кој што го негуваш? Имаме ли ние блуз – сцена?
Давид: -Добро прашање. Домашната публика според тоа што сме го виделе и почувствувале сеуште е недоволно едуцирана за тоа што е токму тоа што ние се трудиме да го работиме. Сме свиреле на многу места, за многу различни луѓе, во различни држави, можам да кажам дека европската публика има некој поразвиен сенс за блузот во глобала и за тоа што значи да си професионален музичар, да ти е определба овој вид на уметност. Почитта е поголема, но дома си е дома. Токму затоа и сме останале тука да работиме и да егзистираме. Мора да се едуцираат луѓето, да знаат дека има нешто што е поинакво од тоа што се навикнати да го слушаат и гледаат и дека има друг начин на музичко изразување, непознат за мнозината тука, но веќе добро прифатен од Америчката, Англиската публика и слично.
Блуз сцената во Македонија е во развој, постојат блуз бендови кои неуморно секојдневно го промовираат блузот со сите свои убавини, за што мене ми е посебно драго.
Сунаи:Како ја гледаш иднината на блузот во Македонија?
Давид: -Популарноста на оваа музика е во подем во Македонија. Се надевам дека се повеќе и повеќе луѓе ке ја засакаат оваа музика затоа што е искрена, од срце. Не може да се скиреш во овој стил. Тука се е отворено за сите и искрено се искажуваат чувства и емоции. Убаво е да се знае оваа музика од чиста култура, затоа што таа е основата на се она што денес го слушаме на радиата и гледаме на телевизија и интернет.
Сунаи:Во однос на музички план што следно да очекуваме?
Давид: -Јас не застанувам тука. Верувам дека ова е само загревање. Снимивме 2 нови видео записи за песни од новиот албум, кои за многу брзо ќе се промовираат како на нашите телевизии, така и на MTV Music Channel и други балкански канали.
Исто така почнав со работа на следното “чедо”, како и на еден многу возбудлив за мене проект, кој исто треба да биде објавен до почетокот на на летото на оваа година.
Константно се работи и се создаваат нови песни, се остваруваат нови проекти и концерти. За сите заинтересирани во нашата работа, ние сме константно активни на социјалните мрежи, како и на официјалната веб страна www.davidneskoski.com
Сунаи:Која е твојата омилена концертна сала во која што сакаш да отсвириш?
Давид: -Па ако сум нескромен, а не сакам да бидам, еден мој голем сон е да свирам во Royal Albert Hall во Лондон и во Madison Square Garden vo New York. Тоа се концертни сали, најголем достиг за секој музичар, и искрено се надевам дека тоа ќе стане реалност.
Сунаи:Каде се до сега си одржал свои солистички концерти во Македонија каде што обожавателите на блуз музиката имаа можност да се обединат на едно место?
Давид: -Па до сега имам одржано неколку соло концерти низ Македонија. Последно реализиравме соло концерт за новиот албум пред два месеци во МКЦ во Скопје во Dancing Салата, каде го претставивме новиот материјал , како и нешто од претходните композиции. На последниот концерт, на мое огромно задоволство дојдоа оргомен број на луѓе, многу мои колеги, добри пријатели, музичари и љубители на оваа музика. Преполната сала ми даде надеж дека има иднина со ова тука во Македонија и се надевам дека ќе има уште многу такви прилики каде ќе може да се настапува и да се развиваме во нагорна линија.
Сунаи:Дали постои нешто што си сакал да кажеш, а не сум те прашал?
Давид: -Прво, да се заблагодарам за деталното, сеопфатно интервју, ми беше задоволство.
Би сакал да се обратам кон сите млади музичари, оние кои се борат во Македонија, да си го остварат сонот. Откажувањето не е опција. Тоа е се што можам и знам да кажам.
Да им се заболагодарам на сите поддржувачи на мојата/нашата музика и се надевам дека ќе има уште многу причини и прилики за дружба и соработка.
Ви благодарам!
Автор: Сунаи Сабриоски