По поводот 70 годишнината од крајот на Втората светска војна, ви пренесуваме фасцинантна приказна за двајцата последни камикази кои ја преживеале војната.
Нивните приказни се сосема различни; додека едниот се чувствувал почестен што е дел од камиказите, за другиот регрутацијата во камиказите бил голем, непријатен шок.
Хисао Хоријама како млад 21 годишен пилот сфатил дека нема преголем избор, и затоа морал да биде подготвен во секој момент да го даде својот живот за царот. Да се биде камиказа за него била посебна чест, тие спаѓале во елитниот тим и Хисао сето тоа така го доживувал.
На почеток тој бил млад војник во артилериската единица на војската на царот, меѓутоа подоцна бил префрлен во воздухопловните сили. Развојот на настаните во 1944 година бил исклучително неповолен за Јапонија, па јапонските власти единствената спас ја гледале во камиказите. Тие сакале да создадат војници кои ќе воведат идеологија според која секој војник требало да се води и да биде подготвен да умре за својата империја. Задачата на камиказите била залетување во американските воени бродови.
Денес Хисао има 92 години и се сеќава за тоа како копнеел за тој момент на слава - народот да го помни како оној кој ги спасил. „Кога ја звршивме обуката добивме хартија на која беа наведени три можности: да волонтираме доброволно, едноставно да волонтираме или да одбиеме да учествуваме“. Но, кога царот Хирохито ги посетил, војниците сфатиле дека царот сака тие да се согласат да бидат камикази. „Знаев дека не можам да направам ништо друго, освен да умрам за него“, вели Хисао и додава дека тоа било време кога царот и народот биле едно.
Во следните месеци, повеќе од 500 авиони со камикази учествувале во самоубиствените мисии, а до крајот на војната, повеќе од 3.800 јапонски камикази се самоубиле. Со таквите напади несомнено беше нанесена голема штета на американските и сојузничките бродови.
Со оглед на тоа што пилотите умирале, имало потреба од постојано регрутирање на нови сили, нешто со што Јапонија воопшто немала проблем. „Ние бевме обучени да ги потиснуваме емоциите. Не мислевме премногу на смртта. Дури и во случај да умреме, ни беше зацртано дека тоа е нашата цел, нашата конечна цел. Знаевме дека ако од нападите се вратиме живи, ќе ги разлутиме нашите претпоставени“, вели Хоријама. Тој се сеќава дека исто како другите пилоти, морал да напише проштално писмо кое после смртта било испраќано до родителите откако пилотите ќе ја исполнеле мисијата и откако ќе умреле.
„Бев лош ученик, и поради тоа чувствував вина. Во моето писмо му се извинив на мојот татко. Сакав да докажам дека можам да сум подобар, и веројатно тоа е причината зошто доброволно волонтирав за камиказа. Но, мајка ми никако не сакаше да се помири со оваа одлука. На нејзината смртна постела ми призна дека никогаш не би му простила на мојот татко доколку загинев како камиказа. Затоа му сум благодарен на царот што ја запре војната“, раскажува Хоријама.
Во август 1945 година, Јапонија ги добила завршните удари; Американците фрлиле атомски бомби врз Хирошима и Нагасаки. Царот Хирохито донел одлука дека Јапонија треба да се предаде. Ова значело и крај на камиказите. На 15 август, јапонското радио ја пренела веста на царот за завршување на војната. Хоријама се чувствувал лошо бидејќи не добил можност да се жртвува и да го даде животот за својата татковина. „Моите колеги загинаа во голема слава, а јас ја пропуштив мојата шанса. Сето тоа го доживеав тешко“, заклучува Хоријама.
Но, не сите камикази биле толку желни да умрат за својата земја. Вториот и последен преживеан член на камиказите Такехико Ена, признава дека одлуката да им се приклучи на камиказите непријатно го изненадила.
Како 20 годишен студент по економија на престижниот универзитет Васеда во Токио бил принуден да го напушти студирањето и да се приклучи на камиказите во Кјушу, најјужниот јапонски остров. Тоа се случило во април 1945 година кога камиказите биле најактивни, па регрутациите на универзитетите биле доста чести. Такехико кој денес има 92 години раскажува како сите му честитале бидејќи бил избран да умре славно за неговата земја, но тој бил прилично збунет поради развојот на случувањата.
Такехико бил дел од една од најтешките битки на Пацификот - битката за Окинава, позната под името „операција на лебдечките хризантеми“. Авионот во кој се наоѓал Такехико имал гориво да лета само во еден правец.
Како што на војната и` доаѓал крајот, така јапонските воени сили биле исцрпени и послаби, а камиказите во нивните самоубиствени мисии оделе со стари авиони кои често паѓале уште пред да ја исполнат мисијата. Такехико се спасил дури два пати. Еднаш морал присилно да слета поради проблем со моторот, па авионот на кој бил со уште двајца војници завршил во морето. „Бевме спремни да умирме за нашата татковина. Пред се`, сакав да ги спасам моите родители кои бескрајно ги сакав. Сите бевме многу исплашени“, се сеќава Такехико на моментот кога бил близу до смртта. После падот со авионот, со неговите двајца сопатници испливале близу островот Курошима, кадешто останале два месеци пред да бидат спасени од јапонска подморница.
Набрзо после тоа, Јапонија изгубила. Такехико не чувствувал никаква вина што не го дал животот за својата татковина. Наместо тоа, тој почувствувал
огромно олеснување што конечно може да размислува за неговата иднина. Тоа му давало надеж и оптимизам. „Бевме тажни поради нашите пријатели кои ги изгубија животите во текот на војната, но размислувавме и за иднината на Јапонија, како да ја обновиме нашата земја“, вели тој.
Тој не го одобрува обидот на јапонскиот прмиер Шинза Абе да ја повлече забраната за јапонските војници да учествуваат во војните надвор од нејзината територија. Забраната е во сила уште од крајот на Втората светска војна. „Јапонците треба да бидат срќени што постои ваква забрана. Јас сум благодарен што Јапонија после Втората Светска војна, не учествувала во друга војна“, завршува тој.