Има многу места низ светот на кои е безбедно и легално да се исфрлат сите алишта и да се седи под сонцето сосема гол.
Британскиот бренд на костими за капење „Пур муа“ (англ. Pour moi) создал
мапа која открива 39 држави во кои нудистичкото сончање е безбедно и 38 држави во кои тоа е ризично. Тимот што стои зад мапата ги истражувал законите на земјите и направил анализа на форуми, блогови и објави на социјалните мрежи за да ги категоризира државите во четири групи. Овие четири групи се означени со различни бои на мапата: зелена, црвена, боја на килибар и сива.
Од мапата се гледа дека во Европа најмногу се дозволува нудистичкото сончање, а меѓу земјите што се обоени со зелено се Австрија, Бугарија, Хрватска, Данска и Германија.
Со црвена боја се места на кои не се прифаќаат нудистите или се сметаат за нелегални. Затоа, подобро е да внимавате кога сте во Мароко, Бахреин или Белорусија доколку сакате нудистичко сончање или капење.
Земјите обоени во боја на килибар имаат нејасни закони или во нив има само малку места на кои се дозволува нудистичко сончање и капење. Во оваа група е Тунис, каде што сончањето топлес е дозволено во приватни хотели, но не и на јавни плажи.
Земјите обоени во сиво се такви за кои немало доволно информации. Од регионот, Македонија и Босна и Херцеговина се обоени во сиво, Албанија е во црвено, а Грција, Косово, Србија, Црна Гора, Бугарија, Хрватска и Словенија се во зелено.
„Пур муа“ направиле и посебна мапа за сојузните американски држави.
Од компанијата откриле дека низ светот имало 10,7 милиони пребарувања на англиски јазик за нудистичко сончање или капење во последните 12 месеци. Најголем дел од овие пребарувања биле од САД, Јапонија и во Бразил, но гледајќи во однос на бројот на населението, најжелни за нудистичко капење и сончање се жителите на Австралија, Нов Зеланд и Ирска.
Автор: Морин Охер
Извор:
cnn.com
Фото: Pixabay