X
 15.07.2021 Здравје

Топлотен удар се јавува кога телото се прегрева за кратко време. Ова се симптомите

Климатските промени со години предизвикуваат речиси апокалиптични наслови во весниците кои најавуваат високи летни температури, тропски бранови, со екстремно високи температури, со висока влажност.

Во овој период од годината особено се чувствителни старите лица, децата, бремените жени и луѓето што страдаат од кардиоваскуларни, цереброваскуларни, респираторни, дијабетес и други хронични болести. Работниците што ги извршуваат своите активности на отворено се крајно загрозени, како и оние што работат во непроветрени и недоволно студени простории. Последица на високите температури се различни состојби кои се јавуваат поради нарушувања во регулацијата на телесната температура.

Сончаницата е најчеста состојба која бара претпазливост и соодветна реакција, а она што може да предизвика сериозни компликации е топлотниот удар.

Како да препознаете и да правите разлика помеѓу сончаница и топлотен удар?


Сончаницата настанува по прекумерно изложување на телото на сонце, најмногу во регионот на главата и вратот. Почнува со силна главоболка со пораст на телесната температура и може да се појави поспаност и вртоглавица, зуење во ушите и краткотрајно губење на слухот. Кај младите луѓе што долго време се сончаат, чести симптоми се замор и исцрпеност, а кај постарите лица може да се појави губење на свеста.

Топлотниот удар е состојба која се јавува кога нашето тело ќе се прегрее за релативно краток временски период. Се јавува одеднаш поради прекумерно зголемување на телесната температура и неможноста на организмот да ја одржи температурата во нормални граници.

Симптомите вклучуваат телесна температура над 40°C, општа слабост, топла и сува кожа без потење, забрзан пулс и дишење, пад на крвниот притисок, вртоглавица, главоболка, гадење, повраќање и понекогаш губење на свеста (што може да биде првиот знак). Важно е да се напомене дека топлотен удар може да се појави и поради подолг престој во влажен и прегреан воздух (ако работите во пекарница или во близина на високи печки или сте биле подолго во кујна, прегреан автомобил, јавен превоз, дури и во стан).

Поблага форма на топлотниот удар се нарекува топлотна исцрпеност и често настанува поради прекумерна физичка активност кога надворешната температура е висока, а висока е и влажноста на воздухот. Се карактеризира со зголемено потење, грчеви во мускулите, главоболка, повраќање, пад на крвниот притисок, слабост, како и губење на свеста.

zesko
Фото: Freepik

Прва помош во случај на сончаница

Лекарите советуваат дека лицето треба веднаш да се тргне од сонце, доколку е можно во разладена, климатизирана, затемнета и добро проветрена просторија, да се истушира ​​со млака вода или барем да се измие и да му се стават ладни облоги на челото и на вратот, и да пие течности (чај, сок или обична вода). Не се даваат течности во големи количини одеднаш, туку неколку пати по малку.

Исто така, се препорачува одмор без изложување на сонце во наредните неколку дена. Ако состојбата не се смири, треба да се контактира лекар затоа што овие симптоми може да укажуваат на некои комбинирани проблеми, како што се вирусни или бактериски инфекции.

Топлотен удар и прва помош

Најважното нешто што треба да се каже е дека топлотниот удар е сериозна состојба која бара итна медицинска помош.

Ако не е достапна здравствена услуга или е потребно повеќе време за да се обезбеди стручна помош, тргнете го лицето од сонце или од прегреана просторија и отстранете го вишокот облека. Лицето треба да се измие или истушира со не премногу студена вода. Ако нема вода, лицето треба да се изложи на проток на воздух (дозволено е ладење со вентилатор). Лицето треба да пие течности ако тоа му го дозволува состојбата.

Закрепнувањето од топлотен удар бара консултација со лекар.

Превенција - како да се заштитите?

Еве неколку универзални совети:

- Тргнете се од сонцето - не изложувајте се на топлина и избегнувајте да бидете на отворено во најтоплиот дел од денот, од 10 до 17 часот.
- Избегнувајте напорна физичка работа, или ако мора, нека биде во раните утрински часови (од 4 до 7 часот наутро).
- Носете лесна, широка, светла облека направена од природни материјали.
- Заштитете ја главата со капа и не заборавајте да носите очила за сонце.
- Разладете се со туширање или капење во млака вода.
- Редовно пијте течности, особено вода. Супите, млаките чаеви и свежите овошни сокови се исто така добар извор на течности и енергија кога е жешко.
- Избегнувајте алкохол, газирани пијалаци и пијалаци со премногу кофеин и шеќер.
- Јадете почесто, но помали и лесни оброци - избегнувајте пржена, солена, мрсна храна и храна богата со протеини.
- Јадете повеќе сезонско овошје и зеленчук.
- Изладете го просторот каде што живеете и работите, така што температурата во просториите во кои престојувате да не надминува 30 степени во текот на денот, односно 24 во текот на ноќта.
- Ако немате климатизација, наутро соодветно проветрете го и разладете го просторот, спуштете ги ролетните, затворете ги вратите и прозорците кога сонцето е силно.
- Бидете претпазливи кога влегувате во возило што стоело на сонце, пред да влезете, отворете ги сите врати и багажникот и почекајте неколку минути да се олади возилото и површините што ги допирате (воланот и сите седишта), и температурата да се изедначи.
- Ако имате хронично заболување и земате терапија, проверете го влијанието на топлината врз дејството на лековите и можното влошување на болеста и реакцијата.

Извор: Eklinika.rs
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје