Едни набавуваат средства за хигиена и дезинфекција, други варосуваат, трети чекаат појак интернет. Во училишните клупи или онлајн од дома, учебната 2020/2021 година секако ќе почне на 1 октомври
Училиштата во Македонија се подготвуваат за новата учебна година, која треба да почне за 15 дена во услови додека сѐ уште трае пандемијата на Ковид-19. При крај е подготовката на националната платформа за онлајн-настава. Училиштата веќе имаат одредено наставници кои ќе ја поминат првичната обука и потоа ќе им ги пренесат искуствата на своите колеги. Едни набавуваат средства за хигиена и дезинфекција, други варосуваат, трети чекаат појак интернет. Во училишните клупи или онлајн од дома, учебната 2020/2021 година секако ќе почне на 1 октомври. Еве со што се соочуваат училиштата во неколку града во земјава.
Фото: „Митко Пенџуклиски“
Гимназијата „Митко Пенџуклиски“ во Кратово е едно од училиштата што оцениле дека имаат услови учебната година да ја почнат во училишните клупи. Според директорот на училиштето, Ѓеорги Цветков, сите класови имаат по 20 ученици, само два се со понекој ученик повеќе. Според него, училиштето може да спроведе класична настава, со физичко присуство, со оглед на тоа што Кратово е град каде што во моментот има малку активни болни од Ковид-19.
- Онлајн-наставата не ни бега ако се усложни ситуацијата. Или, пак, комбинирана. Платформата е при крај, одредени се наставниците што треба да имаат обука. Ќе може да се користи и кога нема да има пандемија и проблеми. Јас веќе не размислувам од што ќе има предност, туку од кој вид настава ќе има поголема или помала штета. Ако одат во школо, опасноста е да се заразат, ако останат дома, постои поголема опасност врз менталното здравје на учениците. Сметам дека имаме услови да почнеме со настава во клупи. Ако се развива епидемијата во непосакуван правец, во секое време може да се префрлиме на онлајн-учење - вели Цветков.
Почетокот ќе биде тежок за сите
Прилеп е еден од градовите со многу активни случаи на Ковид-19. Зора Чадамова е директорка на Основното училиште „Кочо Рацин“ во овој град. Таа вели дека на сите анкети повеќе од 90 отсто од родителите и учениците се изјасниле дека претпочитаат настава со физичко присуство.
- Со оглед на околностите, немаме можност сите да ги вклучиме. Приближно исто се изјаснија и родителите на ученици од 1. до 3. одделение - околу 90 отсто се за настава во училишните клупи - објаснува Чадамова.
Фото: Архива
Во тек се подготовките за почеток на учебната година – се варосува училиштето, набавени се средства за лична хигиена, апарати за мерење температура од далечина... До 25-26 септември треба сѐ да биде спремно за стартот на новата учебна година. Школото се подготвува и за онлајн-настава. Во тек е постапката за засилување на интернет-врската. Од технологија нешто имаат, нешто дополнително треба да се набави. Чадамова објаснува дека „Кочо Рацин“ е градско училиште и речиси сите ученици имаат опрема да ја следат наставата онлајн. Таму каде што имало потреба, излегле во пресрет со таблети и дигитална опрема уште на крајот од минатата учебна година, а се очекуваат и донации од поголемите фирми.
- Досега координацијата со институциите е на високо ниво, добиваме помош и насоки за секој проблем. Но, треба да сме свесни дека почетокот на учебната година ќе биде тежок за сите. Мора секој од нас да даде максимум - вели таа.
Опција и за настава под ведро небо
„11 Октомври“ од Куманово е едно од основните училишта што до Општината поднеле барање за настава со физичко присуство и за учениците од 4. до 9. одделение. Барањето е врз основа на анкетните листови што ги пополниле родителите – повеќе од 85 отсто од нив се изјасниле за настава во училишните клупи, иако Куманово е втор град во Македонија според бројот на активните заболени од Ковид-19. Според директорката Елизабета К. Костиќ, школото има добри просторни услови да ги прими сите ученици.
Фото: ООУ „11 Октомври“ - Куманово
- Големо е училиштето, имаме пространи училници. Сите одделенија имаат до 20 ученици, само две се побројни и имаме услови да ги поделиме. Училишниот двор има големи тревни површини каде што може да се одржува наставата додека е убаво времето - објаснува Костиќ.
Во моментот училиштето има слаба интернет-врска. До Општината е поднесено барање за приклучување оптички интернет за да може да се спроведе и онлајн-настава. Во моментот школото нема поддршка за пренесување на наставата во живо преку националната онлајн-платформа. Има само 5 компјутери, кои се стари, па поднесено е барање и за осовременување на опремата и до Општината, до министерствата за образование и наука и за информатичко општество и администрација.
- Веќе одредивме пет наставници што ќе ја проследат обуката за новата онлајн-платформа, а потоа ќе им го пренесат знаењето на другите наставници. Деновиве очекуваме и посета од Државниот просветен инспекторат, да увидат до каде се подготовките. Куманово е град со поголем број активни болни, но определувањето за настава со физичко присуство е одлука на родителите и мора да ја почитуваме - вели Костиќ.
Не можат да го греат училиштето во две смени
Славица Божинова е директорка на средното училиште „Цар Самоил“ во Ресен. Овој град во моментот има малку заболени. Училиштето поднело барање за комбинирана настава до Општина Ресен. „Цар Самоил“ е единствено средно училиште во градот, има површина од околу 5.500 квадратни метри, а во него учат 320 ученици. Четири паралелки имаат повеќе од 20 ученици и треба да се поделат.
- Поднесовме барање за комбинирана настава. Тука учат ученици од цела Преспа и не можеме да спроведеме целосно еден вид настава. Имаме ограничени буџети, до минатиот месец отплаќавме долгови, сметката со години ни беше блокирана. Огромна е училишната зграда, ќе ни требаат многу пари за да го згрееме училиштето во зима, не можеме да издржиме двосменско работење - објаснува Божинова.
Фото: СОУ „Цар Самоил“ - Ресен
Затоа одлучиле да има само една, утринска смена. Учениците што се во помногубројни паралелки би се поделиле во две групи, наставата би ја следеле наизменично, со ротација – две недели во школото, две недели онлајн од дома.
Училиштето има услови да се опреми со средства за дезинфекција, но има голем проблем со интернет-врската.
- Ова е интернет приклучен во рамките на проектот „Компјутер за секое дете“. Интернетот е слаб и нема шанси да ги задоволи потребите на сите училници и кабинети. Овој проблем го имаат многу училишта во Македонија. Неопходна ни е подобра интернет-врска. Досега институциите не ни понудиле помош, се снаоѓаме сами – се обраќаме до компаниите да видиме колку ќе чини - објаснува Божинова.
Добра околност е што уредите со кои располагаат училиштето и наставниците се многу сочувани и може да се искористат за онлајн-настава. Веќе се определени наставниците што ќе ја поминат онлајн-обуката за новата платформа. Божинова смета дека во овој момент за „Цар Самоил“ подобра е опцијата за онлајн-настава.
- Околу 150 ученици се од околината на Ресен и ќе доаѓаат со автобус. Колку и да се почитуваат протоколите, големи се шансите оттаму да се рашири заразата. Наставата во услови на пандемија бара сериозни дополнителни средства кои многу школи во Македонија ги немаат - вели Божинова.