X
 15.10.2023 Наука

Земјените црви придонесуваат за 6,5 отсто од глобалното производство на житарици

Повеќето земјоделци знаат дека црвите помагаат во одржувањето на здравјето на почвата, а сега научниците проценија и колку е важна нивната подземна активност за глобалното производство на храна и како да ги заштитиме.

Во истражување објавено неодамна научниците наведуваат дека земјените црви можеби се заслужни за повеќе од 6 отсто од глобалното производство на житарици секоја година поради нивната клучна улога во екосистемите на почвите.

Земјените црви помагаат во распаѓањето на мртвиот материјал од растенијата, испуштајќи нутриенти кои им се потребни на растенијата за да растат, а тунелите што ги прават помагаат за растот на корењата на растенијата.

Доказите покажуваат дека црвите им помагаат на растенијата да се заштитат од чести патогени преку стимулирање на нивната одбрана.

Сепак, црвите сега се под закана од интензивните земјоделски техники полни со хемикалии, велат научниците. Истражувачите што го пишувале трудот објавен во „Нејчр комјуникејшнс“ анализирале мапи од популации на црви, својства на почвата, жетвен принос и претходни студии на продуктивност на растенија за да го проценат влијанието на црвите врз глобалното производство на клучни култури.

Придонесот бил дефиниран како процентот на принос овозможен благодарение на црвите.

Научниците утврдиле дека црвите придонесуваат за околу 6,5 отсто од светското годишно производство на житарици, што вклучува основни производи како пченица, ориз, пченка и јачмен.

- Нивниот придонес можеби е поголем бидејќи популациите на црвите веројатно се потценети на многу места, особено на тропските, поради недостиг на истражувања и финансии на глобалниот југ - истакнува Стивен Фонте, доцент на Државниот универзитет во Колорадо, САД, кој е коавтор на студијата.

Црвите, исто така, придонесуваат за 2,3 отсто од глобалното производство на мешунки, како леќа, наут, соја итн.

Така, годишно се собираат повеќе од 140 милиони метрички тони, се проценува во студијата.

Авторите велат дека нивните пронајдоци се еден од првите обиди за мерење на придонесот на корисен почвен организам во глобалното производство на земјоделски култури. И покрај силната тенденциозност во процените на популациите на црвите, поради тоа што повеќето податочни точки биле достапни во Европа и Северна Америка, научниците утврдиле дека придонесот на црвите е особено висок на југот од Земјината топка и придонесува за околу 10 отсто од вкупното производство на житарици во Супсахарска Африка и околу 8 отсто во Латинска Америка и Карибите. Научниците сметаат дека тоа е така затоа што почвите таму генерално имаат поголема киселост, содржат повеќе глина и се помалку изложени на вештачки ѓубрива, со што се зголемува улогата на црвите во растот на растенијата. Во Европа и Источна/Југоисточна Азија повеќе од 7 отсто од производството на житариците се припишува на нивната активност благодарение на нивната поголема бројност и киселоста на почвата.

Поради сето ова, научниците посочуваат дека земјоделските политики треба да одат во насока на поддршка на популациите на земјени црви и почвен биодиверзитет за да се помогне секторот да стане поодржлив.

Извор: Science Alert
Фотографија: Pixabay
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука