X
 09.02.2016 Здравје

Вирусот Зика поврзан и со друго здравствено нарушување

Истражувачите работат и на анализа на можната врска меѓу вирусот Зика и Гијен-Бареовиот синдром.


Претседателот на САД, Барак Обама, неделава побара од Конгресот 1,8 милијарди долари за борба против вирусот Зика. Вирусот предизвикува страв меѓу жителите на Јужна и Северна Америка поради неговата поврзаност со раѓањето новороденчиња со абнормална големина на главата. Меѓутоа, постои уште едно здравствено нарушување за кое се загрижени властите во САД.

Освен абнормално малите глави и оштетениот мозок, експертите од Американскиот центар за контрола на болести открија врска меѓу вирусот Зика и Гијен-Бареовиот синдом. Со овој синдром, имунолошкиот систем започнува да ги напаѓа нервите во телото, што може да предизвика привремена парализа. Понекогаш, оваа состојба може да влијае и на дишењето.

Министерството за здравство на Бразил извести за зголемен број случаи на Гијен-Бареов синдром, поради што започнала анализата на врската меѓу вирусот и синдромот. Откритијата сè уште се прелиминарни, известува „Тајм“. Гијен-Бареовиот синдром е редок, а особено редок кај луѓето во 20-те и 30-те години, а почесто се појавува кај луѓето во 60-те и 70-те години. Меѓутоа, со појавата на вирусот зика ова се променило и случаите кои биле забележани во Бразил во последниот период најчесто биле забележани кај млади и здрави луѓе.

Во Колумбија, неодамна починале три лица по боледување од овој синдром.


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје