X
 12.07.2016 Живот

Кои трошоци ги покрива патничкото осигурување?



Секогаш кога осигуреникот има потреба од медицинска помош или пак асистенција при некаква незгода во странство, прво треба да се јави на контакт-телефонот наведен во полисата. Таму ќе добие насоки во која здравствена установа во местото каде што престојува ќе може да го оствари правото на здравствена заштита и да му бидат покриени трошоците, објаснуваат осигурителните агенти.

Скршеници здобиени во текот на летувањето, силни алергиски реакции од убоди на инсекти, повреди здобиени во сообраќајна незгода, инфузија за многу висока температура, екстремно повраќање, се само дел од здравствените услуги во странство за кои нема да треба да платите доколку пред патувањето сте извадиле патничко осигурување.

Медицинските услуги и другите незгоди што ги покрива патничкото осигурување најмногу зависат од пакетот што сте го избрале. Но, генерално, најосновното патничко осигурување ги покрива трошоците за итен медицински третман, лекови, итен медицински превоз и сместување во болница, како и за итен стоматолошки третман. Ова осигурување покрива и трошоци од незгода, како и за смртен случај кој што настанал при некоја незгода, но и за траен или делумен инвалидитет кој настанал во текот на патувањето. Со него се опфатени и бремените жени во итните случаи кога им треба медицинска помош или третман, но само до 28 недела од бременоста. Над таа недела, осигурителната компанија не ги признава медицинските трошоци за трудницата. Накратко, осигурувањето ги покрива сите трошоци за лекување на здравствени состојби кои не можеле да чекаат до завршување на патувањето и враќањето назад во Македонија.

- Секој што извадил патничко осигурување најдобро е добро да го прочита договорот пред патувањето и детално да се информира што се покрива таквото осигурување. Но, без разлика каков пакет избрал осигуреникот, секогаш кога има потреба од медицинска помош или пак асистенција при некаква незгода, прво треба да се јави на контакт-телефонот наведен во полисата. Доколку не е во можност да се јави веднаш, тоа треба да го стори најдоцна во рок од 24 часа. Таму ќе добие насоки во која здравствена установа во местото каде што престојува ќе може да го оствари правото на здравствена заштита и да му бидат покриени трошоците – објаснуваат осигурителните агенти.

Доколку осигурителната полиса е склучена со франшиза, на пример од 150 евра, тоа значи дека до таа сума осигуреникот самиот ги покрива медицинските трошоци. Над таа сума, трошоците ќе ги покрие осигурителната компанија. Освен медицинските интервенции, патничкото осигурување го покрива и трошоците за загубен, украден или уништен багаж, како и за вадење нова патна исправа доколку сте го загубиле пасошот на одмор. Кога станува збор за украден или уништен багаж, максималната сума што може да се исплати е 500 евра.

- Со патничкото осигурување има опција да се добие отштета за загубен и задоцнет багаж, особено кога станува збор за авионски превоз, но само доколку тоа се случи на одење. Доколку се случи на враќање, осигуреникот нема право да бара отштета. Во такви ситуации, доколку се приложи потврда од авиокомпанијата дека багажот на патникот е изгубен или ќе доцни, може да се исплати сума од 100 до 200 евра. Тие пари се доволни за патникот да се снајде додека си купи нови работи или пак додека не му ги најдат куферите – објаснуват осигурителните агенти. Патничкото осигурување ги покрива деновите кога сте надвор од државата, може да се склучи за време од еден ден па се до една година и важи за конкретната земја во која планирате да патувате. Дел од осигурителните компании нудат и пакет патничко осигурување кое важи за сите земји во соседството. Максималната возрасна граница кај повеќете осигурителни компании е различна, но сепак повеќето друштва примаат во осигурување лица на максималната возраст во распон од 70 до 72 години. За лицата над 65 години најчесто се плаќа двојно поскапа полиса за осигурување заради зголемениот ризик.

Извадете двојазичен образец од ФЗОМ и нема да плаќате на приватно

Македонците кои летуваат во Албанија, Бугарија, Турција, Хрватска, Црна Гора, може да добијат итен медицински третман во тамошните болници и да платат исто колку и тамошните граѓани иако немаат патничко осигурување. Оваа опција им е на располагање само доколку пред поаѓањето извадиле двојазичен образец за здравствено осигурување издаден од подрачните на Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ). Овој образец важи во земјите со кои ФЗОМ има склучено договор, а на листата се 17 земји во Европа. Во моментов меѓу нив не е Грција. За да го добијат образецот, граѓаните мора да достават потврда од матичниот лекар дека се здрави, а за жените е неопходна и потврда од гинеколог. Потоа треба да добијат мислење од лекарската комисија во Фондот, по што службите им издаваат заверен образец.
Подготвил: Ф.Д.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот