X
 20.07.2016 Култура

"Мостот на реката Квај" од денеска на македонски јазик

Фасцинантната приказна според која во 1957 година е снимен истоимениот филм кој освои дури седум оскари зборува за храброста, истрајноста и судирот на две завојувани империи, навидум сосема различни, но сепак прилично сродни. Романот е фикција, но е напишан врз основа на вистински настани



Македонските читатели од денеска ќе можат на мајчин јазик да го читаат култниот роман „Мостот на реката Квај“ од францускиот писател Пјер Бул. Фасцинантната приказна според која во 1957 година е снимен истоимениот филм кој освои дури седум оскари зборува за храброста, истрајноста и судирот на две завојувани империи, навидум сосема различни, но сепак прилично сродни. Романот е фикција, но е напишан врз основа на вистински настани.

Делото на македонски јазик го издаде Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од Скопје. Преводот од француски јазик го направи Дарко Цветаноски. Ова дело на Бул за првпат се објавува на македонски јазик.

Одржувањето на цивилизациските вредности

Приказната се случува во 1942 година, среде походот низ Азија, на Јапонците им е потребна железница од Бурма кон север, која треба да ја градат нивни воени заробеници. Британските заробеници од еден затворенички логор се принудени напорно да работат за изградба на мостот. Полковникот Николсон е примерен британски офицер, во заробеништво. Кога неговите јапонски чувари му наредуваат да го изгради мостот за стратешки напад во југоисточна Азија, кодексот на воена чест на полковникот не му остава друг избор освен да ја послуша наредбата. Додека со своите војници во тешки заробенички услови го гради, британската војска планира да го дигне мостот во воздух.

- Приказната за подигањето на мостот и прашањето околу неговата судбина отвора низа филозофски прашања за човековата природа и нејзините спротивставени тенденции за создавање и за уништување. Таа е одраз на менталитетот на еден исцрпен и разурнат свет, како последица од стравотните разорувања на Втората светска војна. Под сета груба надворешност, главната порака на овој роман се значењето и одржувањето на цивилизациските вредности, дури и во услови на целосно отсуство на цивилизацијата - велат од „Македоника литера“.

Личните искуства на писателот Пјер Бул

Филмската адаптација на ова дело (1957) е режирана од Дејвид Лин, има освоено седум оскари, меѓу кои и за најдобар филм, адаптирано сценарио и режија и се смета за еден од најдобрите филмови на сите времиња. Филмот е ставен под заштита како културолошки, историски и естетски значаен.

Францускиот писател Пјер Бул (1912-1994) е најпознат е по неговите романи „Мостот на реката Квај“ и „Планета на мајмуните“. За време на Втората светска војна, Бул бил инженер кој служел меѓу Слободните Французи во Сингапур, каде што бил заробен и подложен на две години принудна работа. Искуствата при градењето на озлогласената „Железница на смртта“ ги пренесол во романот „Мостот на реката Квај“, кој бргу станал исклучително добро прифатен од читателите, и кој уште истата година ја добил наградата Сент-Бев. Преведен е на многу јазици.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура