X
 02.10.2016 Здравје

Губењето на косата не е само машки проблем


Опаѓање на косата кај жените



Причините за ќелавоста кај жените можат да бидат бројни, па оттаму произлегува и начинот на справување со нив. Во секој случај, постои помош, но треба да се побара.

Ќелавоста, или во стручната терминологија позната како алопеција, претставува губење на коса кој може да биде локализиран само на одредени делови или раширен по целата глава. Иако ќелавоста кај жените е поретка појава отколку кај мажите, сепак е прилично раширена, а во прилог на тоа е и податокот дека околу 25 проценти од женската популација има траен или привремен проблем со ќелавоста. Притоа, кога станува збор за ќелавост кај жените, треба да се нагласи дека кај нив води до поголеми психолошки проблеми, отколку кај мажите.


Кај жените се јавува подоцна

За разлика од ќелавоста кај мажите, андрогената алопеција кај жените започнува со трансформација на влакната на средниот дел од главата, и од долги и густи, тие стануваат тенки и безбојни. Со други зборови, влакната на тој дел од главата се смалуваат и истенчуваат до таа мера што наликуваат на пердувчиња. По таа почетна промена, влакната ќе почнат да паѓаат, но нив нема да ги заменат нови, што значи дека косата ќе се проретчува. Како утеха може да се земе фактот што дури и кај најтешките случаи, жените ретко остануваат целосно без коса, каков е случајот кај мажите.

Освен тоа, проретчувањето на косата кај жените започнува дури околу четириесеттата година, за разлика од кај мажите којашто може да се појави уште на крајот од тинејџерските години. За среќа, губењето на косата кај жените е минлива состојба која се јавува поради привремени општи слабости на организмот после некој стресен настан, како што се породувањето и доењето, или поради одредени фармаколошки терапии, како на пример хемотерапијата.

При појавата на привремена ќелавост, потребно е да се постави точна дијагноза и соодветна терапија, зашто во спротивно проблемот лесно може да премине во траен.


Три степени

Најчесто користена метода за класификација на ќелавоста кај жените е таканаречената Лудвигова скала, според која постојат три степени, означени со броеви од 1 до 3, во зависност од тежината на проблемот.
Прв степен: косата почнува да се проретчува во облик на круна на врвот на главата, на два до три сантиметри од линијата на косата на челото, каде што по правило останува непроменета, за разлика од ќелавоста која се јавува кај мажите и започнува од челото и слепоочницата.

Втор степен: проретчувањето на  косата на врвот на главата станува интензивно, но местото не останува сосема без коса.

Трет степен: врвот на главата е целосно или речиси целосно ќелав, додека косата во линијата на челото и натаму останува каква што била.


Бројни причини

Губењето на косата кај жените може да биде одделна болест или може да се појави како симптом за друга болест, или само како привремена појава предизвикана од некоја исклучително стресна ситуација за женскиот организам, или користење на одредени лекови. Ќе напоменеме некои од најчестите причини.

Телесен ефлувиј: во овој случај не станува збор за болест во вистинската смисла на зборот, туку за состојба при која доаѓа до интензивно дифузно опаѓање на косата кое не остава делови без коса. Оваа состојба се јавува како последица на стрес на телото, како што се слабата исхрана, бременоста и доењето, сериозна хируршка интервенција, нагло губење на телесната тежина и сл. Но, ваквата состојба може да биде нуспојава на некоја терапија, на пр. терапија со бета блокатори, антидепресиви или нестероидни лекови против воспаление.

Женската андрогенетска алопеција е најчест причинител за појава на ќелавост кај жените, а станува збор за болест на папилот во коренот на влакното предизвикан од генетски фактори кои ги прават посебно осетливи на машки андрогени хормони што се присутни во мали количества и во женското тело. Тие предизвикуваат нивно смалување и постепено доведуваат до губење на косата.

Анаген ефлувиј: станува збор за патолошо опаѓање на косата во фазата на растење поради пореметувања на метаболичките функции на коренот на влакното. Најчесто се предизвикува со одредени терапии при лекување на рак, како што се зрачењето или хемотерапија.

Хипотиреоза или хипертиреоза: ниското ниво на хормони од тироидната жлезда во крвта, исто така и високото ниво на овие хормони, можат да предизвикаат опаѓање на косата и ќелавост.

 

Системски еритемски лупус (СЕЛ): лупусот е болест на имунолошкиот систем со која тој „по грешка“ напаѓа разни органи и ткива. Во одреден случај може да биде нападнат и коренот на косата при што може да доведе до слабо или изразено опаѓање на косата проследено со црвенило на кожата.


Анемија поради недостаток на железо: за анемија се смета кога нивото на хемоглобинот во крвта ќе падне под 12 грама на еден децилитар крв. Хемоглобинот е најважна состојка на еритроцитите, а неговата основна функција е пренесувањето кислородот преку врзување со железото. Еден од знаците за анемија поради недостаток на железо е и губењето на коса и ќелавоста кај жените, а од овој облик на анемија често страдаат жени кои имаат исклучително обилни менструални крварења.

Меѓу другите позначајни причинители за појава на ќелавост кај жените, ќе ги издвоиме следните: полицистичните јајници, алопеција ареата, тракциска алопеција и разни инфекции на кожата на главата предизвикани од микроорганизми или габични заболувања.


Три важни ризик фактори


Еден од клучните ризични фактори за опаѓање на косата и ќелавост кај жените е наследноста: жените чии родители имале проблем со опаѓање на косата, имаат голем ризик дека во поодминати години ќе го имаат тој проблем. Друг фактор се несоодветни или пречести третмани на косата. И на крај уште еден важен ризик фактор – недоволната или несоодветната исхрана која доведува до недостаток на одредени витамини или железо, што ја зголемуваат можноста за појава на ќелавоста.


Терапија

Во случај на андрогена алопеција се одредува терапија со антиандрогени лекови, односно се дејствува на смалување на лачењето андроген хормон. За таа цел се препишуваат таблети за контрацепција кои не содржат прогестерон, а во комбинација со лековите за контрацепција се препишуваат и други инхибитори. Ако причината е некоја постоечка болест, потребно е да се  лекува основната болест или барем да се одржува под контрола.

Инаку, единствен лек чија ефикасност во помагање за повторно растење на косата е признат Миноксидилот. Станува збор за лек кој во облик на таблета се користеше за терапија при хипертензија, а како нуспојава предизвикува хипертрикоза, односно прекумерен раст на влакна, па затоа почна да се користи како воден раствор кој се нанесува на кожата за да го помогне растењето на коса на местата каде што таа отпаднала.



Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје