„Фејсбук“ и „Инстаграм“ во последните 12 месеци во неколку наврати забележаа сериозни проблеми во работењето. Според податоците собрани од веб-страницата „Даунтектор“, „Инстаграм“ во првите шест месеци бил недостапен 90 отсто повеќе отколку во истиот период пред една година, додека „Фејсбук“ повеќе пати го надминал минатогодишниот период на недостапност (зголемување од 281 отсто).
„Даунтектор“ не ги објави податоците за вкупниот број часови кога интернет-сервисите не биле достапни, но дава индексирани податоци со чија помош може да се споредат. Врз основа на овие податоци, веб-страницата „Бизнис инсајдер“ дошла до заклучок дека конкурентните социјални мрежи „Снепчет“ и „Твитер“ во истиот период останале релативно стабилни и на располагање на своите клиенти.
Сепак, „Снепчет“ имал сериозни проблеми во јуни оваа година, што било резултат на технички тешкотии на сите услуги што се потпирале на „Гугл клауд“, додека минатонеделниот пад на системот на „Твитер“ не бил опфатен во мерењето.
Овие податоци одат во прилог со тврдењата дека услугите на „
Фејсбук“ во последно време станаа помалку сигурни отколку порано, што се случува во време кога оваа социјална мрежа се обидува да се тргне од контроверзните скандали и да ја подобри заштитата на приватноста на својата апликација.
Фото: Freepik