Генерации деца во поранешна Југославија пораснаа со чоколадите „Сека“ и „Брацо“, а малкумина знаат кои всушност биле девојчето и момчето од легендарните пакувања што останаа симбол на едно време.
Постарите љубители на слатки сигурно добро се сеќаваат на млечните чоколади на компанијата „Звечево“. Тие се појавиле кон крајот на 60-тите и многу брзо ги освоиле љубителите на благо низ цела Југославија. Голем дел од нивната популарност се должел и на препознатливите лица на девојчето и момчето од пакувањето, кои многумина и денес ги чуваат како дел од своите југонoсталгични спомени.
„Сека“ и „Брацо“ заземаат посебно место меѓу најпознатите југословенски слатки. Најпрво се појавила „Сека“, млечна чоколада со црвено пакување, која подоцна го добила и официјалното име. Набрзо во продажба пристигнал и „Брацо“, во сино пакување. Двете деца заедно се појавиле и на зелено пакување, на верзијата со лешници.
На почетокот на пакувањата имало илустрации. Но, како што подоцна беше откриено, тие биле создадени според вистински деца. На стара црно-бела фотографија од 1960 година се наоѓаат Марио и Дубравка, син и ќерка на Бошко Пешун, познат сликар и графички дизајнер од Осиек, кој работел за „Сапонија Осиек“ и „Звечево“.
Дубравка и Марио подоцна беа заменети од Теа и Дан
Кон крајот на 80-тите години илустрациите биле заменети со вистински фотографии. За новата „Сека“ во 1988 година била избрана Теа Агбаба, девојче од една загрепска градинка, а денес живее надвор од Хрватска.
- Беше еден сосема обичен ден. Мислам дека бараа деца по градинките за чоколадите, но цело време гледаа во мене. Веднаш рекоа дека јас сум таа. Веројатно затоа што постојано бев насмеана - раскажува Теа во интервју за „Радио Сараево“.
Фото: Теа Агбаба
Набрзо русокосото девојче со панделка стана препознатливо лице во домовите низ поранешна Југославија. Во истата градинка бил пронајден и новиот Брацо, момчето Дан Бабиќ.
- Еден ден мајка ми ми кажа дека сакаат да ме фотографираат за чоколадото „Брацо“. Бев изненаден бидејќи ако јадев чоколадо, тоа беше исклучиво „Брацо“ - се присетува Дан во интервју за еден од српските медиуми.
За договорот со „Звечево“ добил 126 тогашни германски марки.
- Бев прв на ред за фотографирање, а зад мене беше девојчето Теа, односно Сека. Тогаш првпат ја видов, а потоа никогаш повеќе не се сретнавме. Дури пред неколку години ја најдов на „Фејсбук“ - вели Дан.
Фото: Дан Бабиќ
Чоколадите „Сека“ и „Брацо“ сè уште постојат на пазарот, иако на пакувањата повеќе не се лицата на Теа и Дан.
Компанијата „Звечево“, основана во 1921 година, и понатаму останува едно од најпрепознатливите имиња во прехранбената индустрија на поранешна Југославија, а легендарните чоколади будат носталгија кај многумина.
Извор:
Mondo.rs
Фото:
Facebook