X
 17.06.2020 Образование

Во старото училиште во Љубојно ќе се отвора Центар за грижа и промоција на македонскиот јазик

Пред училиштето денеска се одржа и панел-дискусија посветена на македонскиот јазик

Центар за грижа и промоција на македонскиот јазик ќе се отвори во преспанското село Љубојно, во старото училиште „Димитар Влахов“ кое пред 76 години почнало со работа на македонски јазик. Центарот ќе биде отворен во рамките на проект наменет за поддршка и развој на регионот, финансиран од Европската Унија.

Пред училиштето денеска се одржа и панел-дискусија посветена на македонскиот јазик. Учествуваа повеќе македонисти, лингвисти и политичари. Меѓу нив беа проф. д-р Људмил Спасов, претседател на Советот за македонски јазик, д-р Елена Јованова-Грујовска, директорка на Институтот за македонски јазик, проф. д-р Марјан Марковиќ, дописен член на МАНУ, проф. д-р Елизабета Бандиловска, професорка на Педагошкиот факултет во Скопје, Ацо Костов, директор на Управата за заштита на културното наследство.

Спасов рече дека Центарот ќе биде уште едно место каде ќе се собираат лингвисти, педагози и наставници и професори по македонски јазик.
- Ќе доаѓаат ученици да се подучуваат и да научат работи на терен, со што ќе продолжи оддолжувањето на плејадата македонски дејци кои се вградија во историските процеси за признавање и афирмација на македонскиот јазик – рече тој.



Според Јованова-Грујовска, Преспа е револуционерна средина со европска мултиетничка визија. Таа верува дека преку Центарот, македонскиот јазик ќе биде јазикот што ги поврзува Македонците со другите граѓани од земјава, од Балканот и од светот.

Бандиловска рече дека е возбудливо да се биде на местото сведок на дел од македонската историја, на местото зачетник на школството и на воспитно-образовната врвица на генерации ученици, учители и просветители проникнати од пазувите на Преспа.

- Убаво е чувството да се стои на истото парче земја на која пред 76 години за првпат чекореле ученици кои за првпат учеле на мајчиниот, македонски јазик. Убава и ретка е привилегијата да се биде меѓу првите, меѓу меѓниците, меѓу оние што биле пример и патоказ за другите. Важноста и значењето на овие историски збиднувања за нас како народ, за нашата историја, наука и култура, за развојот на школскиот систем и за развојот на македонскиот јазик се огромни и непроценливи – рече Бандиловска.
Подготвил: В.И.И. / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование