Оние што ја следат модната сцена во земјава, ги следат сите настани поврзани со неа и со задоволство ги гледаат моделите на ревиите. Сепак, изгледот на моделите не би бил целосен без соодветни фризури, а на годинашниот Моден викенд во Скопје тие се дела, ни помалку ни повеќе, на средношколци.
Имено, учениците од средното стручно училиште „Димитар Влахов“ во Скопје учествуваат во подготвителниот процес на годинашниот Моден викенд во улога на фризери за моделите.
Настанот се одржува 26. пат во скопската метропола, почна вчера и ќе трае до 11 март во „Ист гејт мол“. Модниот викенд годинава ќе направи спој на возбудата и гламурот, а учениците од средното училиште „Димитар Влахов“ ќе го дадат максимумот од себе за да ја оправдаат гламурозноста на настанот со фризури и креации на коса кои одговараат на темата.
Учениците се предводени од двете професорки кои предаваат практична настава во училиштето, Ферихан Махмуд-Кека и Елизабета Савева, кои изјавија дека учениците првпат се дел од Модниот викенд.
- Јас сум професор по практика, како и поранешен соработник со Моден викенд, а оваа година ги вклучивме и учениците од средното училиште „Димитар Влахов“. Ова претставува еден вид пракса и едно големо искуство за нашите деца - вели професорката Ферихан Махмуд-Кека.
Професорките се убедени дека учениците одлично ќе се покажат и ќе помогнат во овој настан и покрај тоа што не знаеја какви фризури ќе треба да им направат на моделите.
- Учениците не одбираат какви фризури ќе им прават на моделите, тоа што е испланирано од страна на дизајнерите, тоа и ќе го сработат. Веруваме дека тие одлично ќе се снајдат во оваа работа затоа што вежбаа и се подготвуваа. Ние сме секогаш подготвени да ја сработиме нашата работата - изјави Елизабета Савева, наставник по практична настава.
Меѓу учениците владее возбуда и се гледаат насмевки на нивните лица бидејќи ја работат својата идна работа првпат во ваква пригода.
- Чувството е многу убаво и мило ми е што се наоѓам тука со моите професори и што сум дел од оваа активност. Да, оваа работа навистина ме исполнува и мислам дека можам да ја работам во иднина затоа што имам голем ентузијазам за неа - вели Анастасија Перовиќ, ученичка во втора година.
Една од ученичките потврди дека оваа работа ја прави среќна и дека се гледа себеси во иднина како фризер.
- Многу сум среќна што работам на овој проект и благодарна сум ѝ на професорката Кека што нѐ вклучи во овој настан. Би ја работела оваа работа и по завршувањето на моето образование и би сакала повторно да работам на овој настан - истакна Алеина Шазивари, ученичка во втора година.
Мотото на овогодишниот Моден викенд е: „Јазикот на етиката и дизајнот“. Со оглед на тоа што настанот го следат водечките македонски медиуми и гости од светот на модата и дизајнот од дома и од странство, Модниот викенд е одличен предизвик за учениците од ова училиште да го покажат својот квалитет и да го покажат значењето на стручното образование.
Фото: Јована Трајковска