X
 06.07.2020 Култура

Промоција на четири капитални дела за македонскиот јазик во МАНУ

Промоција на четири капитални изданија за македонскиот јазик ќе се одржи утре, во 10:30 часот, на платото пред МАНУ. Воведна реч ќе има претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев, а книгите ќе ги промовираат академик Катица Ќулавкова, проф. д-р Снежана Велковска, проф. д-р Димитар Пандев, проф. д-р Марјан Марковиќ, дописен член на МАНУ.

На иницијатива на Македонската академија на науките и уметностите, со целосна поддршка и вклученост на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Советот за македонски јазик, ќе бидат промовирани делата што деновиве излегоа од печат: „Македонскиот јазик - континуитет во простор и време“, колективна монографија во која е даден синтетски преглед на историскиот развој на македонскиот јазик од 9 век па сè до неговата кодификација; „Погледи за македонскиот јазик“, меѓународен зборник на трудови во кој над 40 странски и македонски лингвисти имаат свои прилози за различни аспекти на македонскиот јазик; „Македонска хрестоматија“, избор на позначајни македонски текстови од 9 до 20 век; и „Лингвистички атлас на македонските дијалекти (според материјалите на ОЛА)“, кој дава продлабочен увид во лексичкото богатство на македонските дијалекти.

- Со излегувањето на овие значајни изданија за македонскиот јазик, а и со заедничката промоција, македонската лингвистичка средина се обединува за да даде вистински аргументирани и научни одговори за континуитетот и еволуцијата на македонскиот јазик, а и за неговото место во меѓународната славистика и лингвистика - велат од МАНУ.

Сите овие дела се поставени и во дигитална форма на главната страница на МАНУ.
Подготвил: В.И.И. / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура