Македонскиот јазик се изучува и во Нов Зеланд. Наставничката Менка Лошкоска-Постолов веќе шест години е посветена на предавање македонски јазик на ученици од основно школо во Окленд, каде што живее од 2005 година. Станува збор за најголемиот град во Нов Зеланд, во кој живеат повеќе од 1.600.000 жители.
Лошкоска-Постолов пред да се пресели во Нов Зеланд предавала македонски јазик во училиште во Битола. Во Окленд во 2013 година почнала да им држи часови на деца во импровизирано училиште, а главната цел ѝ била децата да се дружат и да учат зборувајќи македонски јазик.