10.03.2021
Здравје
ИЈЗ: Бројот на нови случаи зголемен за 23% во споредба со претходната недела
Во периодот од 1 до 7 март 2021 тестирани се вкупно 21.090 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со зголемување од 4,6% во споредба со минатата недела. Регистрирани сe 4.463 нови позитивни случаи од 35 града во државата со зголемување од 23,0% во споредба со минатата недела, стои во неделниот извештај на Институтот за јавно здравје.
Во него се додава дека најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=2.160; 48,3%), со неделна инциденца – 349,7/100.000. Највисока неделна инциденца од 847,9/100.000 е регистрирана во Неготино (заедно со Демир Капија)
Процентот на позитивност во споменатиот период се движи од 13,2 до 26,7%, или во просек 20,9%, 3% повеќе во споредба со минатата недела.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (n=1.026, 23,0%). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 30-39 (n=895; 20,1%), 40-49 (n=803; 17,8%), 50-59 (n=778; 17,4%) и 20-29 (n=626; 14,0%). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (n=104; 2,3%) и 10-19 години (n=231; 5,2%).
По добиени 2 негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, со статус „оздравени“ се стекнале 3.895 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, зголемен за 2,2 пати во споредба со минатата недела.
Пријавени се 57 смртни случаи од 16 града, 17,4% помалку во споредба со минатата недела. Во однос на возраста, 50 лицa биле над 60 години, 5 лица на возраст од 50 до 59 години и по едно лице од возрасните групи 30-39 и 40-49 години.