X
 17.09.2026 Живот

Засладувачите во гумите за џвакање се поврзани со зголемен ризик од фатален мозочен удар

Оние што редовно џвакаат гуми за џвакање без шеќер би можеле да се соочат со поголем ризик од смртоносен срцев или мозочен удар, покажува нова студија.

Германски научници открија дека луѓето што консумираат големи количини ксилитол, засладувач кој вообичаено се наоѓа во гумите за џвакање и бонбоните од нане, имаат до 57 проценти поголема веројатност да доживеат срцев или мозочен удар во споредба со оние што го консумираат многу малку. Претходните истражувања покажаа дека ксилитолот во големи количини може да ја направи крвта погуста и полеплива.

Што е ксилитол

Ксилитолот е шеќерен алкохол кој природно постои во телото, но исто така се додава во храната, пијалаците и производите за орална нега бидејќи обезбедува сладост со помалку калории од шеќерот. Се верува дека има одредени придобивки за здравјето на забите, го намалува растот на бактериите што предизвикуваат кариес и помага во заштитата од пропаѓање на забите. Неговото долгорочно влијание врз здравјето досега беше занемарено. Претставувајќи го истражувањето на годишниот конгрес на Европското кардиолошко здружение, д-р Марко Витковски, автор на студијата, изјави дека претходните истражувања покажале дека оние со високи нивоа на засладувач во крвта имаат поголема веројатност во следните три години да доживеат срцев или мозочен удар. Неговиот тим сакал да види дали ксилитолот го зголемува долгорочниот ризик од срцеви проблеми кај поголема група луѓе.

Поголем ризик за здравјето на срцето


Истражувачите од Универзитетската болница Шарите во Берлин ги проучувале податоците од 17.710 учесници во текот на 30 години. Откриле дека луѓето со највисоки нивоа на ксилитол во крвта имаат значително поголем ризик од срцев удар, мозочен удар или предвремена смрт од оние со најниски нивоа во циркулацијата. Во текот на шестгодишното следење ризикот од срцев удар, мозочен удар или смрт предизвикана од срцеви заболувања бил за 18 проценти поголем кај оние со највисоки нивоа на засладувач во крвта. Сè на сè, научниците заклучиле дека повисоките нивоа на ксилитол во крвта претставуваат поголем ризик за здравјето на срцето.

- Вештачките засладувачи ги консумираат луѓе кои мислат дека се поздрави од шеќерот, а регулаторните агенции генерално ги сметаат за безбедни – рече д-р Витковски, додавајќи дека нивните наоди покажуваат колку малку знаеме за долгорочната безбедност на адитивите.

Ниту ксилитолот ниту шеќерот не е посакуван 

Експертите кои не беа вклучени во студијата изјавија дека резултатите покажуваат оти се потребни понатамошни истражувања за оваа важна тема.

- Вештачките засладувачи се широко прифатени во модерното општество, а регулаторните тела традиционално ги сметаат нивните безбедносни процени за добри – рече професорот Дан Атар, член на Комуникацискиот одбор на ЕСЦ. ОГЛАС

Меѓутоа, во овој опсервациски труд се чини дека ксилитолот има негативен долгорочен ефект врз кардиоваскуларниот систем. Овие наоди се надополнуваат на сè поголемиот број истражувања кои покажуваат дека засладувачите би можеле да бидат поврзани со широк спектар на здравствени проблеми, вклучувајќи дијабетес, дебелина и рак.

Годинава научниците од Универзитетот во Кембриџ открија дека засладувачите можат да го забават растот на корисните цревни бактерии, зголемувајќи го ризикот од болести. Исто така, изразена е загриженост поради врската помеѓу вештачките засладувачи и ракот. Една студија од 2025 година, објавена во списанието „Сајенс сигналинг“, откри дека сорбитолот, кој се наоѓа во слатките и сладоледот без шеќер, може да предизвика акумулација на масти во црниот дроб, зголемувајќи ја веројатноста за болести на црниот дроб, главен ризик-фактор за рак на црниот дроб. Тие стравувања се засилија во 2023 година откако Светската здравствена организација контроверзно го класифицира вештачкиот засладувач аспартам, кој се наоѓа во пијалаците, како можно канцероген за луѓето.

Меѓутоа, агенцијата на ОН пресуди дека тој претставува ризик само за оние што консумираат огромни количини и дека возрасно лице од 70 кг може безбедно да испие околу 14 лименки дневно. Она што експертите сакаат да го истакнат е дека потенцијалните ризици од вештачките засладувачи мора да се споредат со добро утврдените штетни влијанија на шеќерот кој го замениле.

Извор: jutarnji
Фото: magnific

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот