По империјата на „Дизни“, која ја зафати речиси целата втора половина од 20 век, последните десетина години индустријата на анимирани филмови се прошири подалеку од американскиот могул. Иако зад себе остави над 50 разни остварувања кои го обележаа детството на повеќе генерации, „Дизни“ продолжува да се шири и го поседува студиото „Пиксар“ за анимација, производител на моментално најгледаните цртани филмови на светот.
Промените во светот се пренесуваат и на големото платно
Инкорпорирајќи ги во своите цртани филмови еднаквоста на женските и машките ликови, различните националности и култури, новите цртани филмови успеаја вредностите што ги пропагираа во минатото да ги заменат со оние што денес се важни за промовирање.
Така денес во фокусот се принцези на кои не им треба принц за да го најдат својот пат и принцови кои не мора да бидат храбри војници што ги спасуваат.
Анимираните филмови веќе не претставуваат забава наменета исклучиво за најмладите, туку поради разноликоста на темите со кои се занимаваат и скриените животни лекции што ги носат, нивната публика е проширена на сите возрасти.
Што доведе до таквата промена? Кои се тие лекции што возрасните можат да ги научат од детските филмови?
1. Wreck-It Ralph (2012)
Филмот кој многу критичари, кога се појави, го нарекоа „најоригиналниот филм каков што со години не виделе“, ја носи приказната за Ралф, кој се обидува да ја промени сликата за себе како негативен лик од игрите, така што со своите нови авантури ќе се обиде да стане херој во некои други игри. Меѓутоа, на тој пат наидува на препреки учејќи го она што секој од нас го учи во животот – дека минатото не ја дефинира нашата иднина.
Она што некогаш сме биле и грешките што некогаш сме ги правеле можеби моментално ја формираат сликата што другите ја имаат за нас, но тоа не значи дека таа е трајна и дека она што во иднина ќе го правиме мора однапред да биде дефинирано од нашите претходни постапки.
2. Inside Out (2015)
Дејството се случува во главата на едно единаесетгодишно девојче, и на интересен начин го прикажува односот меѓу пет емоции (Радост, Тага, Страв, Гадење и Гнев), кои ѝ помагаат (или одмагаат) да се избори со нешто што на децата во тие години најтешко им паѓа – преселувањето во друг град.
Во фокусот на сите емоции е Тагата, што е новина во анимираните филмови, кои зборуваат главно само за среќата и идеалните сценарија, а тука Радоста и Тагата се заедно претставени и во текот на филмот учат една од друга.
Децата, како и возрасните, треба да научат дека и добрите и лошите емоции се составен дел од животот и дека е нормално тие да се менуваат. Депресијата е најраширената болест на 21 век, а филмот може да се набљудува и како мала психолошка студија за начинот на кој ги прифаќаме своите емоции.
3. Moana (2016)
„Дизни“ има обичај да се насочи на различни култури пред сè заради естетското доживување, а помалку заради нивно вистинско претставување. Уште од Херкулес и Мулан, ниту еден филм не предизвикал толку големо внимание како Моана. Приказната за полинезиската принцеза која почнува авантура е базирана на нивната митологија. Таа е првиот женски лик со такво потекло кој се нашол во главна улога во еден филм од „Дизни“.
Филмот им е естетски привлечен на децата заради реалната анимација, но на возрасните, особено на домородците од целиот свет кои се борат да ја зачуваат својата култура, пред сè им е важен од социјален аспект. Да не се заборави сопственото потекло, да се почитуваат повозрасните и да се тежнее кон слободата како примарно човеково право – се лекциите што ги раскажува Моана во сините води на Пацификот.
4. Zootopia (2016)
Филмот на прв поглед прикажува приказна за навидум либерална зајачица која доаѓа од мало место и има сон да стане полицајка во големиот главен град. На втор поглед, ова е филм кој на специфичен начин се занимава со расизмот, сексизмот на работните места и најмногу со родовата рамноправност.
Проблемите со кои се соочуваат возрасните на дневна основа им се раскажани на децата на начин кој ги учи дека толеранцијата е помоќна од стравот од другите, како и дека во животот има ситуации кога нивните вредности и ставови ќе бидат ставени пред предизвикот на реалноста.
5. Coco (2017)
Коко е годинашниот добитник на „Оскар“ за најдобар анимиран филм со заработка од над 200 милиони долари во светот. Зошто?
Се работи за приказна за дванаесетгодишно момче кое сака да се занимава со музика иако неговото семејство е против тоа. Приказната за односите во семејството, за мексиканската традиција, нè учи на големата важност на простувањето. Важноста на моментот и остварувањето на сонот, и покрај препреките, кои можат да бидат надворешни, но и да постојат само во нашите глави – се универзални лекции за сите возрасти.