X
 01.04.2018 Здравје

Научниците открија таблета против комарци

Една таблета може да ја направи човечката крв токсична за комарци и да ги убие, покажува една британска студија. Научниците откриле дека комарците кои пренесуваат болести умираат откако ќе се нахранат со крв на луѓе кои го пијат лекот ивермектин.


Фото: Pixabay

Комарците умираат и 28 дена откако пациентите ја испиле таблетата, која вообичаено се зема за лекување шуга. Научниците се надеваат дека овој лек може да се користи за контрола на ширењето на маларија и други болести кои ги пренесуваат комарците. Едно тестирање во Кенија покажа дека 97 отсто од комарците починале во рок од две недели откако каснале човек чија крв го содржи лекот.

Мено Смит од Ливерпулската школа за тропска медицина го предводи истражувањето. Тој вели дека резултатот е возбудлив бидејќи и по еден месец комарци умираат поради цицање крв од луѓе кои испиле ивермектин. Ивермектинот се поднесува добро во поголема и помала доза и затоа може да биде ново оружје во борбата против маларијата. Прелиминарните резултати ѝ се презентирани и на Светската здравствена организација.

Лекот делува како нов вид на антималаричен третман бидејќи ги уништува комарците, додека постоечките лекови се насочени кон паразитите. Комарците, кои ја пренесуваат болеста, годишно убиваат 750.000 луѓе, а многу од нив се деца. Така се пренесува и зика вирусот, жолтата треска, вирусот Западен Нил и други болести.

Климатските промени и затоплувањето овозможија комарците да се селат од постојаното место на живеење и да ги пренесат ризиците и во северната хемисфера.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје