X
 16.04.2016 Образование

Светот, вселената, науката низ очите на 9-годишните деца

Марчело Глајзер е теориски физичар и космолог.Тој е професор по природна филозофија, физика и астрономија на колеџот „Darmtouth“. Тој има блог за наука и многу трудови и есеи со коија промовира науката во јавноста.


На почетокот на оваа недела посетил час од четврто одделение во државно основно училиште во САД. Тој секоја година присуствува на часови од различни возрасти и со учениците зборува за вселената. Марчело пишува дека овој клас веќе учел за Сончевиот систем, планетите и нивните својства. Тој се решил да им зборува на учениците за вселената преку раскажување приказна.

„Ние сме ѕвездена прашина“, започнал тој.

Марчело им објаснувал за својствата на ѕвездите, за гравитацијата итн и низ училницата слушнал долго „ооооох“. Одеднаш, на површината избиле десет рачиња дигнати во воздух.

- Значи, сè е ѕвездена прашина? И планетите? И Земјата?

- Да. Сите доаѓаме од истото.

- А, што е со гените? Дали и тие се ѕвездена прашина?

Ова прашање го изненадило Марчело. „Дали тие навистина знаеле што се гени?“

- Да, дури и гените. Бидејќи, гените се, сепак, огромни молекули, а секоја молекула се состои од атоми, а атомите доаѓаат од ѕвездите.

Марчело видел како учителката се смешка од задната клупа, горда на своето одделение.

- Знае ли некој како се прави пица? - прашал Марчело.

- Па, ќе направиме голема топка од тесто и потоа ја гмечиме - одговорил ученик.

- Добро, а што ако не ја гмечиме? Како можеме да ја израмниме на друг начин?

Одеднаш, Марчело забележал дека сите ученици креваат рака. „Ќе ја завртиме, ќе ја завртиме!“, извикувале учениците.

- Секако, доколку ја завртите топката, нејзините полови стануваат порамни, а нејзината средина расте. Поголемиот дел од материјалот отишол во средината и така се создало сонцето. Она што останало, се собрало и формирало други планети.

- Како вие го знаете сето ова? Како знаете дека ова е вистина? - прашал еден ученик.

- Тоа е неверојатно прашање. Преку науката ги мериме работите, ја проверуваме точноста на идеите, ги споредуваме резултатите со оние кои биле добиени од другите. На тој начин, полека градиме теорија која го објаснува она што сме го измериле и забележиле со нашите инструменти - одговорил Марчело.

- Но, не знаете сигурно што ги направило ѕвездите, така? - инсистирал ученикот.

- Па, знаеме, но целата приказна е малку покомплицирана.

- Но, ако продолжите да прашувате и прашувате, доаѓате до она што не сте го знаеле, нели?

- Апсолутно - одговорил Марчело. - Постои момент кога нашето знаење престанува и мораме да бидеме многу внимателни на кој начин ги поставуваме вистинските прашања, оние истите на кои можеби науката ќе има одговор.

Марчело пишува на својот блог дека често не можел да дојде до збор од овие ученици и нивните раце постојано биле подигнати.

„Во очите на овие деца видов светлина, глад за знаење, желба за учење, која верувам, ја имаат очите на секое дете на овој свет, доколку му пружиме шанса“, заклучува тој.

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование