Со проширувањето на интернетот и социјалните мрежи, се чини дека има сè поголемо ширење на разни теории на заговор. Испробаниот и проверен рецепт за создавање сомнеж, меѓу другото, го усовршија индустриите за нафта и за тутун.
Дали знаете некој што се противи на вакцинацијата? Некој што веќе е ревакциниран? Некој што е збунет од изобилството на информации и не е сигурен кому да му верува и како да донесе најдобра одлука за своето здравје? Во која група спаѓате?
Додека примерот со вакцинација во моментов е релевантен, бидејќи сме во пандемија и теориите на заговор цветаат во време на криза, доведувањето под знак прашалник на информациите дадени од науката секако не е ново. Теориите на заговор постојат исто толку долго колку што постои и самото општество.
За да разбереме како дојдовме до ситуација кога недовербата во официјалното, научно засновано знаење стана нешто вообичаено, како на интернет така и во живо, важно е да се разоткрие процесот што ѝ претходел. Психолозите се согласуваат дека познавањето на механизмот на теории на заговор ја намалува веројатноста да верувате во нив.
За разлика од поединците што шират
теории на заговор и лажни вести со цел да им „помогнат“ на луѓето во нивната околина, кои се навистина убедени и цврсто веруваат во квазинаучни концепти, треба да се има предвид дека зад одредени ненаучни тврдења стои цела машинерија за ширење лажни информации, со цел да се оствари профит.
Рецепт за создавање сомнеж
Рецептот првенствено бил формулиран од тутунската индустрија во 50-тите години кога се појавиле првите научни студии што забележале врска помеѓу пушењето цигари и ракот на белите дробови.
Свесни дека ваквото откритие може да ја загрози вредноста на компаниите на пазарот, но исто така и дека не можат целосно да ги негираат научните факти кои со текот на времето ќе станат посилни, тутунопроизводителите решиле да испратат научници да се борат против научници, и така бил создаден „Проектот бели мантили“ (Whitecoat project).
Финансирањето на „независни“ научници кои дури ќе влезат во јавни дебати со истражувачи кои зборуваат за здравствените опасности од употребата на тутунот и ги доведуваат во прашање новите сознанија во тоа време се покажало како одлична тактика за формирање сомнежи во пошироката јавност. Ваквото сценарио, каде што двајца експерти зборуваат спротивно, го отежнува прифаќањето на научните факти како нешто што е точно.
Со децении тутунската индустрија се спротивставувала на правните предизвици на оваа неетичка операција, сè до 2006 година, кога Окружниот суд на САД за областа Колумбија донел одлука дека американските тутунски компании се виновни за погрешно прикажување на здравствените ризици поврзани со пушењето.
Рецептот го позајми и нафтената индустрија
Овој пристап во борбата против научното знаење го прифатиле и некои други индустрии, додека нафтените компании одиграле посебна улога во создавањето сомнежи за вистинитоста на глобалното затоплување, придонесувајќи за денешните сомнежи во врска со научните факти.
Приказната е прилично слична и почнува со американската мултинационална компанија за нафта и гас „Ексон мобил“ (тогаш „Ексон“), која е една од најголемите рафинерии во светот и директен наследник на компанијата „Рокефелер“, „Стандард оил“.
Џејмс Блек, истражувач вработен во „Ексон“, подготви внатрешен извештај на компанијата уште во 1978 година во кој се вели дека удвојувањето на концентрацијата на атмосферски јаглероден диоксид може да доведе до зголемување на средната глобална температура од 1 до 3 Целзиусови степени и до сериозни последици.
Како одговор на ова откритие, „Ексон мобајл“ почнал мултимилионска кампања за дезинформации за да се доведе во прашање сериозноста, па дури и самото постоење на климатските промени.
Сепак, тоа не ја спречило оваа компанија да ги користи климатските модели, кои јавно ги критикувала, во планирањето на идните операции на Арктикот, знаејќи дека поради зголемувањето на температурата и топењето на мразот, дупчењето нафта ќе биде поевтино. На веб-страницата на „Гринпис“ можете да прочитате како се зголеми глобалната концентрација на јаглероден диоксид во атмосферата паралелно со растот на годишниот профит на „Ексон мобил“.
Вистинската теорија на заговор?
„Ексон мобил“, кој беше тужен од јавниот обвинител на Минесота во јуни минатата година за поведување лажна кампања чија цел е намерно поткопување на научното знаење за глобалното затоплување, не е единствениот што избрал да ги искривува научните факти.
Од 1979 до 1983 година нафтените гиганти „Ексон“, „Мобил“ (подоцна споени како „Ексон мобил“) „Амоко“, „Филипс“; „Тексасо“, „Шел“, „Суноко“, „Сохио“ и други редовно се состануваа како вид оперативна група која дискутирала за климатските промени и нејзините последици. Средбите биле организирани со помош на Американскиот институт за нафта.
Во извештајот за 2019 година, кој може да се најде на веб-страницата „Инфлуенс мап“, се наведува дека пет компании за нафта и гас („Ексон мобил“, „Ројал холанд шел“, „Шеврон“, „БП“, „Тотал“) инвестирале над една милијарда долари, во само три години по Парискиот договор, за ширење сомневања за научните предупредувања за климатските промени и нејзините последици.
Сомнеж по сомнеж
Кога ќе ги погледнете сите овие напори, труд и пари во ширењето дезинформации, не е тешко да се разбере зошто сомневањето е длабоко вкоренето и дека не е невообичаено да се сретне во комуникација со странци на интернет и во разговори со пријатели и членови на семејството.
Иако нафтената и тутунската индустрија инвестираа пари во ширење дезинформации за сопствени потреби, таквата медиумска атмосфера каде што примателот на информации не е сигурен во што да верува создава недоверба и се рефлектира во други научни теми, но исто така и во политички, религиозни, економски, социолошки и здравствени.
Психолошките истражувања покажаа дека некој што верува во една теорија на заговор ќе биде поподложен да верува и во други, а понекогаш дури и во контрадикторни теории, што доведува до заклучок дека се верува дека нешто секогаш е прикриено и скриено.
Зошто луѓето се насочуваат кон теориите на заговор?
Во истражувањето „Психологија на теории на заговор“, објавено во научното списание „Сејџ журналс 2017“, истражувачите од Универзитетот во Кент, Велика Британија, наведуваат дека луѓето се свртуваат кон теории на заговор во обид да задоволат три важни психолошки мотиви.
Првите се епистемолошки, односно потребата од знаење и сигурност, особено во врска со значајни или кризни настани. Проблемот се јавува кога се бараат информации, но на погрешно место, што се случува почесто со луѓе со пониско ниво на образование бидејќи тие немаат знаење да разликуваат кои извори се валидни, а кои не.
Другите мотиви се егзистенцијални, кои се однесуваат на потребата за чувство на сигурност и безбедност, но исто така и за чувство на контрола врз работите што ни се случуваат. Теориите на заговор можат да објаснат зошто немаме контрола врз ситуацијата, а истражувањата покажуваат дека луѓето што се чувствуваат немоќни и разочарани повеќе се наклонуваат кон нив.
Третите мотиви се социолошки и се однесуваат на потребата за самодоверба и добро чувство за себе или за групата на која ѝ припаѓаме. Теориите на заговор можат да обезбедат чувство на супериорност затоа што некој ја знае „вистинската вистина“ и поседува некое „знаење“ што повеќето други луѓе го немаат.
Како да се отстрани сомнежот?
Теоретичарите на заговор можат да бидат многу вешти во убедувањето, а најдобрите навидум користат логика и научен јазик, што им дава очигледен кредибилитет и експертиза. Затоа понекогаш може да биде навистина тешко да се одделат фактички информации од лажни информации.
Ова ја прави ситуацијата поопасна, а последиците посериозни. Колку човечки животи ќе бидат изгубени во пандемија поради теории на заговор и дезинформации? Колку случаи на рак на белите дробови може да се спречат? Дали можевме да ја избегнеме климатската криза?
Критичкото размислување, проверката на изворите на сомнителни тврдења и информирањето преку официјални институции се алатки кои можат да ни помогнат подобро да разбереме одредена тема и да донесеме најдобра одлука за нас, но и позитивно да влијаеме врз нашето опкружување, како на интернет така и на маса со луѓе.
Извор:
Nationalgeographic.rs
Фото: Freepik