X
 18.06.2018 Наука

Марија Ањези - математичарката за која веројатно никогаш не сте слушнале

Повеќето луѓе веднаш би можеле да наведат неколку извонредни математичари, но и најинформираните веројатно би ја пропуштиле Марија Ањези, гениј од 18 век, која го променила животот на секој што некогаш прочитал математички учебник.

Родена како Марија Гаетана Ањези, на 16 мај 1718 година во Милано, Италија, Марија брзо докажала дека е дете-чудо. Уште на шестгодишна возраст зборувала италијански, француски, латински, германски, грчки, хебрејски и шпански во текот на нејзиното школување. Забележувајќи ја нејзината неверојатна интелигенција, татко ѝ Пјетро често ги канел своите пријатели за да им ги покажува нејзините неверојатни вештини и способности. Не за џабе ја викале „оратор на седум јазици“.

По смртта на втората сопруга на нејзиниот татко, Марија ги презела домашните обврски, грижејќи се за нејзините 20 браќа и сестри. И покрај обврските, приоритет ѝ било нејзиното надградување и учењето на нејзините браќа и сестри. Уште на 9-годишна возраст Марија умеела да рецитира едночасовен говор на латински. Темата на говорот? Правата на жените да добијат образование: порака блиска и драга за нејзиното срце.

На 14-годишна возраст Марија веќе била на пат кон голема математичка слава. Како тинејџерка таа веќе била запознаена со алгебрата, знаела геометрија и балистика. За финалната изведба на приредбите во нејзината куќа, Марија бранела 190 тези, подоцна објавени од нејзиниот татко.

Во 1748 година Марија навистина ја променила играта во математиката. Таа станала првата жена што напишала учебник по математика насловен како „Основни принципи на анализата“. Додека повеќето математички текстови биле напишани на латински, благодарение на Њутн и Ојлер кои го поставиле тој стандард, Марија го составила својот текст на италијански јазик во обид да биде подостапен за сите.

Исто така, оваа книга била еден од првите учебници за калкулус, релативно ново поле на математиката во тоа време. Во 1749 година учебникот на Марија бил пофален од страна на француската академија.

Покрај учебниците, Марија станала првата жена назначена како професор по математика на универзитет, од страна на папата Бенедикт XIV. Но Марија ја одбила понудата за да ја продолжи својата друга вистинска страст: залагањето за жените во образованието.

- Човекот секогаш дејствува за да постигне некои цели; целта на христијаните е слава на Бога. Се надевам дека моите студии му донесоа слава на Бога бидејќи беа корисни за другите и потекнуваат од послушност, затоа што тоа беше волјата на татко ми. Сега најдов подобар начин и средства да му служам на Бог и да им бидам од корист на другите - рекла таа.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука