Како да го изберете најсоодветниот факултет?
Изборот на факултет е една од првите поголеми животни одлуки пред кои се исправени средношколците. Свесни за големото значење на оваа одлука за нивниот натамошен живот, изборот на високообразовната установа каде што ќе го продолжат своето образование претставува голем притисок за учениците, но и за нивните родители.
Со цел да се донесе вистинската одлука за продолжување на образованието, стручната помош од професионални советници може да биде од голема помош. Меѓународното училиште НОВА посветува значително внимание на кариерниот развој и насочувањето на учениците во секој нов степен од нивното образование, при што академските советнички од ова училиште активно се вклучени во процесот на избор на потенцијална кариера на учениците и им помагаат успешно да го финализираат процесот на аплицирање на посакуваните факултети. Академските советнички за средно образование во НОВА, Ирена Филкова и Олгица Ѓорѓевска, споделија корисни совети за што поуспешно комплетирање на целиот процес за избор и упис на факултет.
Академската советничка за втора и трета година, Олгица Ѓорѓевска, истакнува дека соработката со кариерните советници не започнува со разговор за тоа што ученикот сака да биде кога ќе порасне.
Олгица Ѓорѓевска
- Процесот започнува со рефлексија на самоспознавање и идентификување на интересите, предностите и аспирациите и како тие ќе помогнат да се донесе информирана одлука за потенцијалните академски области или кариери каде што треба да се насочува ученикот. Откако детално ќе се запознаат со различни факултети и со процесот на апликација, земајќи ги предвид сите потребни услови и квалификации при одредување на универзитетите каде што би аплицирале, советниците помагаат со следење на процесот, подготовка на документите со кои треба да се поткрепи апликацијата, писма за препораки, следење на рокови, информации за стандардизирани тестови и дополнителни технички совети - објаснува Ѓорѓевска.
Според академската советничка за прва и четврта година, Ирена Филкова, најдобро е процесот на подготовка и избор на факултет да се заокружи кон крајот на трета година од средното училиште или најдоцна на почетокот на четврта година. Учениците што планираат да се запишат на некој факултет во странство, во втора и трета година треба да се запознаат со различните опции, програми и услови, како и со критериумите за упис на конкретните факултети, чиј систем на аплицирање и чии побарувања во однос на квалификациите на кандидатите може да се разликуваат во голема мера.
- Многу факултети бараат од кандидатите да имаат положено стандардизиран тест или приемен испит, да приложат доказ за познавање на странскиот јазик на кој се изведува наставата, да имаат одредена комбинација на предмети значајни за програмата на која аплицираат. Важно е учениците да знаат дека самиот процес на аплицирање бара време и треба да се подготват сите елементи на апликацијата, како што се биографија, мотивациско писмо, дополнителни есеи, препораки од професори, преведени свидетелства и финансиски документи. Навремената подготовка е особено важна доколку ученикот аплицира на повеќе факултети со различни барања и рокови за аплицирање, па оттука добрата организација е клучна - вели Филкова.
Ирена Филкова
Досегашното искуство на академските советнички покажува дека при изборот на најсоодветните кандидати факултетите го гледаат комплетниот профил на ученикот. Покрај неговото академско досие, во кое се наведени предметите што ги слушал, нивното ниво и постигнатиот успех, голем удел во финалната одлука имаат и воншколските активности на ученикот, неговото хоби, спортовите што ги практикувал, каков бил неговиот придонес кон заедницата... Секој универзитет вреднува различни критериуми, па затоа многу е важно ученикот да се информира што точно вреднува високообразовната институција каде што сака да го продолжи своето образование и тоа да го истакне во мотивациските писма и есеи за апликација.
Според Филкова, рангирањето или „брендот“ на некој факултет обично е значаен за родителите во земји каде што уписот на факултет зависи исклучиво од резултатите на приемен испит или од бодирањето според академскиот успех. Но, важно е да се знае според кои критериуми е направено рангирањето, бидејќи честопати тие не го отсликуваат додипломското искуство, односно квалитетот на одредена академска програма.
- Како академски советници, ги советуваме нашите ученици да имаат избалансирани листи со факултети каде што веројатноста да бидат примени според нивниот профил е поголема. Секако дека „Харвард“ и „Оксфорд“ се престижни институции со докажан квалитет, но истовремено се и многу селективни, компетитивни и притисокот е голем, па не секој автоматски би бил среќен и реализиран таму дури и да го примат. Во светски рамки, постојат огромен број факултети чии имиња можеби не се толку извикани, а нудат квалитет и се одлични академска средини со многу можности за близок однос со професорите и за надградување. Ние секогаш им велиме - не е пресудно името на факултетот колку што е важно колку сте спремни да се вложите и максимално да ги искористите можностите што ви се нудат, односно што ќе сторите со своето време таму - објаснува таа.
Сепак, при изборот на факултет учениците не треба да се фокусираат само на репутацијата на универзитетот и на академската програма, туку треба да ги земат предвид и другите практични фактори, како што се локацијата, големината на кампусот, опциите за сместување (во студентски дом, приватно сместување и сл.), начинот на изведување на наставата, воншколските активности, студентски асоцијации и можности надвор од часовите кои факултетот му ги нуди на ученикот, составот на студентското тело (на пример, колку е интернационално ако универзитетот е во странство). Исто така, значајно е учениците да ги истражат можностите што ги нуди факултетот за ангажман на самиот кампус, практична работа, односно колку добро се поврзани со различни компании, научноистражувачка работа, студентска размена/семестар на друг кампус или факултет, и поддршка за кариерен развој и можности за останување во земјата и вработување по дипломирањето. Притоа, еден од поважните фактори е и во делот на висината на школарината и дополнителните трошоци за живот, како и дали факултетот нуди стипендии и/или финансиска помош за интернационални студенти.
*Текстот е изработен од Факултети.мк во соработка со Меѓународното училиште НОВА
Фото: НОВА