X
 19.12.2025 Живот

Од Арктичкиот Круг до швајцарските Алпи, ова се најубавите европски празнични патувања со воз

Зимата во Европа значи глетки како од разгледница - предели покриени со снег, прекрасни новогодишни декорации, богати трпези и божиќни базари. Тоа е период кога луѓето забавуваат, се подготвуваат за празниците на крајот од годината и уживаат во драгоценото време со семејството.

А што може да биде подобро од тоа празничното расположение да го доживеете полека и луксузно, патувајќи низ некои од најубавите европски предели?

„Дедо Мраз експрес“



Ова може да биде едно од најмагичните патувања со воз на крајот од годината.

Овој фински ноќен воз ги превезува патниците од Хелсинки секоја вечер до Арктичкиот Круг, до Рованиеми, минувајќи покрај замрзнати езера и шуми покриени со снег. Среќните патници, на одредени релации, можат да ја забележат и поларната светлина.

Кога ќе се разбудите, ќе бидете длабоко во Лапонија. Тука патниците можат да ги посетат блиските атракции како селото на Дедо Мраз, како и главната пошта на Дедо Мраз, каде што можат да добијат печат во пасошот и да испратат писма.

Возот нуди стандардни и луксузни кабини за спиење, како и седишта во патничките вагони. Кабините најчесто имаат два кревети, можност за приспособување на температурата и приватна бања со туш. На располагање е и ресторан-вагон со појадок, оброци и ужини.

„Еспресо Монако“



Љубителите на ноќните возови можат да го испробаат „Еспресо Монако“, специјален празничен ноќен воз што сообраќа меѓу Рим и Минхен во текот на божиќната сезона.

Ова е носталгичен начин да се доживее најдоброто од европската сезона на божиќни базари бидејќи директно ги носи патниците до некои од најпознатите минхенски пазари, каде што можат да купуваат рачно изработени украси и да уживаат во празнични специјалитети како варено вино.

Прославите започнуваат уште во возот, со божиќно мени, декорации и забава, вклучувајќи и жива музика.

Опциите за сместување вклучуваат четирикреветни или шесткреветни купеа, приватни кабини за спиење или седишта за патници со поограничен буџет. Приватните кабини се достапни со еден, два или три кревети. Возот има и бар и ресторан-вагон.

Железницата „Берген“



Бергенската железница, со која управува норвешката државна железничка компанија „Ву“, и оваа зима ја покажува својата магија. Од Осло до градот Берген на западниот брег на Норвешка возот поминува околу 500 километри за приближно 7 часа и минува низ околу 180 тунели. Ова е и една од железничките линии со најголема надморска височина во Европа.

Уживајте во магична зимска авантура, минувајќи покрај замрзнати предели и водопади, снежни полиња, драматични планини, живописни фјордови, пространи висорамнини и села како од бајка. Со малку среќа, може да забележите и диви ирваси или арктичка лисица.

„Златен орел Дунав експрес“


Ги сакате божиќните пазари? Тогаш „Златниот орел Дунав експрес“ е совршен избор.

Овој воз нуди разновидни целогодишни маршрути од 8 до 12 дена, но во зима е волшебен. Една од нив е маршрутата „Божиќни пазари на Централна Европа“, која сообраќа меѓу Будимпешта и Минхен, минувајќи низ Виена, австриските Алпи и Салцбург.

Патувањето вклучува дводневен престој во хотел со пет ѕвезди во Будимпешта, свечени вечери, тури низ градови, приеми со шампањ и организирани посети на божиќни базари. Посебни моменти се традиционалното возење со кочија во Виена, концерт на виенски божиќни песни и дегустација на колачи.

Извор: Euronews.rs
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот