Од прва до четврта година во Медицинското училиште во Битола не добила оценка пониска од петка, најголемиот дел од материјалот го совладува со внимавање на часовите, а задолжително чита и дополнителна литература
„Кога стануваме здравствени работници, луѓето ни го доверуваат животот! Тоа како медицински лица треба да нѐ води напред во професијата, да ни биде цел во учењето“, вели Сара Спасевска, матурантка во Средното медицинско училиште „Д-р Јован Калаузи“ во Битола која беше прогласена за најдобар ученик за медицинска сестра во Македонија за учебната 2025/2026 година. Признанието ѝ беше доделено по повод Меѓународната недела на сестринството, од страна на Сојузот на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри на Македонија, предводен од ЗМСТАС „За нас“ на одржаната свечена академија на 12 мај во Тетово.
Ни патувањето ни домот не ѝ го нарушија успехот
Спасевска е од пелагониското село Бучин и како ученичка престојуваше во средношколскиот дом во Битола, но патувањата и одвоеноста од домот не ѝ го попречија успехот. Од прва до четврта година таа е со сите петки, нема добиено ни една четворка. Но, Сара не гледа на оценките како на бројки, туку го вреднува стекнатото знаење.
- Целта не се само оценките, туку во здравствената струка тоа е спасувањето човечки животи. Кога една таква голема одговорност стои пред нас, не треба да ги гледаме бројките кои квантитативно го одредуваат нашето знаење, туку квалитетот на нашата работа - вели Сара.
Материјалот совладан уште на училиште
Го посетивме средното училиште каде што Спасевска зачекори во светот на медицината. Нејзините професори велат дека се издвојува од другите ученици по посветеноста кон учењето.
-Сара е најдобра од најдобрите. Ученик со големи интелектуални капацитети, дисциплинирана, редовна, исполнителна, секогаш подготвена да одговори на училишните обврски. Многу е внимателна на часовите и предавањата, активна, прва се јавува кога ќе поставиме прашање, најголем дел од наставниот материјал го совладува на училиште - вели Елизабета Марковска-Грујовска, професорка по предметот Основи на здравствената нега.
Сара потврдува дека многу внимава на часовите и најмногу учи таму. Надвор од школото потребни ѝ се два до три часа учење. Но, редовно го совладува наставниот материјал, а чита и дополнителна стручна литература поврзана со новини во медицината.
-Во медицинската професија многу се важни емпатијата, професионалноста, хуманоста и желбата за унапредување на знаењето во и надвор од училиштето - додава матурантката.
Планира да се запише на Медицинскиот факултет во Скопје, а понатаму да специјализира хирургија или нефрологија, а можна е и некоја комбинација.
Образовниот профил медицинска сестра меѓу најпопуларните
Успехот е резултат на личниот ангажман на ученикот, но и на континуираната стручна и професионална работа на наставниот кадар. Професорите во Средното медицинско училиште во Битола се усовршуваат, ги следат модерните текови во образованието и медицината за да можат да одговорат на предизвиците на модерното образование. Директорот на училиштето, Горан Талевски, е фокусиран кон унапредување на условите во школото, опремување со потребни современи нагледни средства и друга потребна опрема за наставата.
- Голем акцент се става на практичната настава и вежбите, и продуцираме готови кадри на пазарот на трудот бидејќи практичната настава и вежбите се клучната компонента во стручното образование - велат професорите.
Со години најпопуларен за упис и понатаму останува профилот медицинска сестра. Иако се потребни најмногу бодови за упис, дури 70, предвидените места се пополнуваат за два часа. Секоја година запишуваат две паралелки за медицински сестри со по триесетина и повеќе ученици, по една забен техничар, акушерка и физиотерапевтски техничар и 2 фармацевтски техничар. Иако и во околните општини се отворија медицински смерови, сепак учениците од Југозападниот Регион, па дури и до Кавадарци, се запишуваат во Битола зашто училиштето има 75-годишна традиција.
Радост е да ве паметат учениците по добро
Од клупите на Средното медицинско училиште во Битола се излезени многу еминентни здравствени работници - лекари, медицински сестри, забни техничари, фармацевти, акушери...
- Доказ за тоа беше настанот во Тетово каде што не можевме да се пробиеме до бината, ниту да ја напуштиме салата бидејќи нѐ застануваа наши поранешни ученици, а денес докажани здравствени работници. Нѐ застануваа да нѐ поздрават. На излегување некој ми вика „класна, класна“, кога гледам директорката на Општата болница во Кочани, д-р Катерина Паниќ-Мирчовска, наша поранешна ученичка. Ми рече: „Со вас ми почна целата едукација“. Во образованието нема голема плата, па во ова е радоста, кога ќе успеат вашите ученици и ќе ве паметат по добро - рече професорката Марковска-Грујовска.
Фото: приватна архива
Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.