X
 20.07.2020 Образование

Сите сме одговорни за безбедноста на храната! Да ја подигнеме културата на однесување, порачуваат професорките Душица Санта и Соња Србиновска од ФЗНХ

Храната е основен двигател на животот и економијата и Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје создава кадар кој може стручно и професионално да одговори на предизвиците за безбедност на храна со кои се соочуваат потрошувачите, производителите и институциите. Секогаш има потреба од ваков кадар затоа што голем дел од инвестициите, домашни и странски, се насочуваат во овој сектор

Во ера на значителен развој на производството на храна и управувањето со безбедноста на храната, земјите продолжуваат да се соочуваат со многу проблеми со контаминација (или загадување) на храната и болестите поврзани со храна. Историски, многу инциденти се случувале поради пропусти на операторите со храна – кај фармерите, преработувачите, дистрибутерите. Овие проблеми и пропусти создале значајна загриженост и кај институциите и кај потрошувачите. Затоа се развиле процедури и законски прописи чија цел е да ги минимизираат овие проблеми. Но, и понатаму во светот се случуваат сериозни инциденти, како што е инцидентот со меламинот во доенечката формула во Кина, контаминираниот свеж зеленчук со ентеропатогена ешерихија коли во Германија (2011 година) и низа други.

Каде се утврдени најголемите ризици?

Секоја храна не е со ист ризик, така, на пример, храната што има поголема веројатност да се загади ја нарекуваме храна со висок ризик. На пример, доколку го видиме извештајот од ЕУ од системот за брзо известување за храна и добиточна храна, може да констатираме дека најголем број известувања за небезбедна храна биле во врска со појава на патогени бактерии, конкретно салмонела во месо од живина, ешерихија коли во месо и млечни производи, резидуи од пестициди во овошје и зеленчук, афлатоксини, недекларирани алергени во храната. Сето ова нè наведува на потребата од контрола на самата храна од нива, па сè до трпеза, но и контрола на животната средина, зачувување на природата и соодветното справување со климатските промени.


Проф. д-р Душица Санта

Ризиците постојат и кај самите потрошувачи. Имено, многу студии покажуваат дека домаќинствата ги заземаат првите места по развој на болестите со храна поради лошата лична и/или хигиената на околината и несоодветното чување на храната. Најчестите локации каде што се наоѓаат микроорганизми во поголем број во домашната кујна се крпите, сунѓерите и мијалникот.

Со правилното однесување, потрошувачите можат да ја спречат контаминацијата на храната со правилното готвење и складирање на храната. Вкрстена контаминација може да се спречи со соодветно одвојување на суровата од подготвената храна. Секако, битен фактор е хигиената во домашната средина за време на подготовката на храната. Подобрувањето на однесувањето на потрошувачите најверојатно ќе ги намали ризикот и инциденцата на болестите што се пренесуваат преку храна. Поради тоа, неопходно е подигањето на свеста и едукацијата на потрошувачите, како важен финален линк во синџирот на храна.

Ова може да се оствари преку едукативни стратегии за намалување на болестите поврзани од небезбедна храна и зголемување на свеста на потрошувачите за потенцијалните ризици.


Проф. д-р Соња Србиновска

Пораки за компаниите што произведуваат храна

Покрај почитувањето на прописите за квалитет и безбедност на храна, воведување на системот за анализа на опасности и критични точки, во светот сè повеќе се посветува внимание на одржувањето на културата на однесувањето во безбедноста на храната.
Културата на однесување во безбедноста на храната е нов концепт во кој се спојуваат науката за храната со однесувањето на вработените и менаџерите во компаниите што произведуваат и пласираат храна на пазарот. За да се подобри ефикасноста за безбедноста на храната, без разлика дали се работи за мала или голема компанија, мора да се промени нивното однесување. Компаниите можат да ги имаат и најдобро документираните процеси и стандарди за безбедност на храната во светот, но тие се бескорисни доколку не се доследно практикувани од страна на вработените. Постојат неколку принципи што треба да се следат при постигнување добра култура во безбедноста на храната. Создавањето култура во безбедност на храна бара примена на најдобрите научни методи со најдобри системи за управување и комуникација. Тоа бара посветеност од страна на менаџерите на организацијата, како и од операторите со храна. Меѓусебните разговори за безбедност на храна се многу важни затоа што можат да помогнат во надминување на бариерите и подобрување на меѓучовечката поврзаност и комуникација.

Пораки за идните студенти

Храната е основен двигател на животот и економијата и Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје создава кадар кој може стручно и професионално да одговори на предизвиците за безбедност на храна со кои се соочуваат потрошувачите, производителите и институциите. Секогаш има потреба од ваков кадар затоа што голем дел од инвестициите, домашни и странски, се насочуваат во овој сектор. Наша цел како институција е да образоваме кадар согласно тие потреби. Вие како идни дипломирани студенти ќе произведувате храна за населението и ќе овозможите извоз на храна, со кој ќе ги зголемиме приходите и ќе го намалиме увозот. Земјоделството и производството на храна се основа за развој на целокупниот систем, како на националната така и на светската економија.

Овој сектор е навистина богат и ќе се развива низ многуте можности за работа Вие можете да биде носители на тоа доколку се запишете на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Мeтодиј“.

Автори: проф. д-р Душица Санта и проф. д-р Соња Србиновска од Факултет за земјоделски науки и храна во Скопје при УКИМ

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование