X
 20.10.2019 Образование

Каде учат студентите по Медицина, наши научници открија нова габа, зошто нашите деца имаат слабо образование... Што истражувавме?

Современа читалница им е неопходна на студентите од кампусот на Медицина, Стоматологија и Фармација, законска регулатива за возење на електричните тротинети е во фаза на изработка, а дотогаш новото превозно средство можете да го сретнете насекаде, нов вид габа е откриена во Македонија и е наречена Astreus macedonicus. 50 илјади часа учење за една календарска година. Ова е целта што си ја зададе компанијата „А1 Македонија“ за своите вработени, чија крајна задача е да ги направи задоволни и исполнети, ова се дел од темите на кои тимот на Факултети.мк работеше изминатата недела.


И треви никнат во актуелната читалница Медицинар

Повеќе илјади студенти и специјализанти на кампусот на Медицински, Фармацевтски и Стоматолошки факултет во Скопје имаат едвај една читалница која може да ја користат најмногу стотина студенти. Тоа ни оддалеку не ги исполнува потребите на овие студенти, кои се снаоѓаат како знаат и умеат, а и таа е во лоши услови. Тоа е читалницата што му припаѓа на денес руинираниот студентски дом „Невена Георгиева-Дуња“, познат како Медицинар. Од Државниот студентски центар нè известија дека му ја дале читалницата на користење на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Студенти од трета година на Медицина велат дека не ја користат многу често, најчесто меѓу две предавања, кога имаат време.
- Не ја користиме многу често затоа што и нема услови. Проблем е и што работи до 16 часот, а ние имаме предавања дотогаш. Инвентарот е стар, нема штекери за лаптоп. Зиме има лошо греење со две греалки. Тука доаѓаме меѓу предавања, за да не одиме до „Браќа Миладиновци“, на пример. Ни треба поголема читалница, опремена со интернет - велат студенти на Медицинскиот факултет.


По тротоари, велосипедски патеки, на коловозна лента, во еднонасочни улици, некои ги возат бавно, некои многу брзо, со или без кациги... Буквално секаде може да ги видите електричните тротинети во Скопје. Со оглед на тоа што и повеќето скопски општини даваат субвенции за купување на ова превозно средство, тие ќе бидат сѐ почести учесници во сообраќајот.
Употребата на електричните тротинети секако е за поздрав, но не и нерегулираното движење низ градскиот сообраќај. Во опасност се и самите возачи на тротинетите, пешаците, велосипедистите...

Македонија сѐ уште нема законска регулатива која ќе одреди каде треба да се движат овие превозни средства, со која брзина и сл. Од Министерството за внатрешни работи ни одговорија дека електричните тротинети се ново превозно средство и затоа, како и во другите земји, и кај нас е потребна измена на законската регулатива. Тие ни потврдија дека во МВР е формирана работна група која работи на измена на Законот токму во оваа насока.

- Членовите на работната група ќе ги користат и дискусиите и заклучоците од тркалезната маса која кон крајот на септември 2019 година беше организирана од страна на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) - законски да се уреди и оваа проблематика - ни одговорија од МВР.

проф.д-р Кирил Барбареев

Многу работи се променија во овие 30 години. Профилот на ученикот е променет, профилот на нашиот образовен систем не, вели универзитетскиот професор Кирил Барбареев

Години наназад образовниот систем во Македонија се претставува дека е во постојано движење по нагорна линија, но фактичката состојба на терен е многу поинаква, вели д-р Ламбе Барандовски, претседател на Друштвото на физичарите на Република Македонија и доцент на Институтот за физика при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Таму се одржа втората Меѓународна конференција за образованието по математика, физика и сродни науки, која ја организираа Друштвото на физичарите, институтите за математика и физика при ПМФ и Сојузот на математичарите на Македонија (СММ). За состојбите разговараа повеќе од 250 учесници, најголем дел наставници од основните и средните училишта, но и еминентни универзитетски професори од земјава, Србија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Бугарија и од Соединетите Американски Држави. Преку предавањата и дискусиите присутните ги забележаа поголемите проблеми со кои секојдневно се соочуваат.

Стефан Јовановски, раководител на човечки ресурси во „А1 Македонија“

Култура на учење е индивидуалниот пристап кон потребата да се развиваш, да се надградуваш и да стекнуваш нови знаења. Секој од нас има обврска, без оглед на возраста или работното место, за постојано учење, објаснува Јовановски

50 илјади часа учење за една календарска година. Ова е целта што си ја зададе компанијата „А1 Македонија“ за своите вработени, чија крајна задача е да ги направи задоволни и исполнети.
Стефан Јовановски, раководител на човечки ресурси во „А1 Македонија“, вели дека со кампањата „50K A1 Learning challenge“ секој вработен треба еден час неделно да помине во учење.
- Нема да бидат лимитирани. Ќе им овозможиме услови да учат и на работа и надвор од работното место и нема да се ограничи содржината што ќе ја проучуваат. Секој интерес ја збогатува личноста и го прави вработениот поконкурентен на работното место или го прави подготвен за друга работна позиција. Ќе дадеме можност сите часови да се евидентираат во еден систем бидејќи сакаме да знаеме кои се шампионите во учење - вели Јовановски.


Astraeus macedonicus е нова габа пронајдена во Македонија

Неколку примероци од Македонија анализирани на молекуларно ниво се издвоија како посебен, досега непознат вид, кој го именувавме според нашата држава, од која првпат е опишан, вели д-р Катерина Русевска, асистент-професор на Институтот за биологија
Astraeus macedonicus е новиот вид габа од Македонија што летово беше објавена во научното списание Fungal Planet. Видот не е смртоносно отровен, но не се користи во исхраната на човекот. Авторка на трудот е д-р Катерина Русевска, асистент-професор на Институтот за биологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Станува збор за списание со импакт-фактор 6,86 во 2018/2019 година, наменето само за објавување нови видови габи за науката.


Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование