Најризичните локации кога станува збор за пренесувањето на ковид-19 се сменија во споредба со почетокот на пандемијата. Експертите секојдневно учат повеќе за коронавирусот кој ја предизвикува болеста, но и самиот вирус се менува.
Делта-сојот се пренесува двапати полесно во споредба со другите соеви. Се знае дека ризикот за хоспитализација и смрт како последица од болеста е помал за вакцинираните, а тие и помалку го шират вирусот.
Еве кои се местата на кои во моментов најмногу се шири коронавирусот според „Хафпост“, според податоци од САД.
Во ресторани и барови
И порано беше јасно дека пренесувањето на вирусот е поголемо во рестораните и баровите, а Рошел Валенски, директор на американскиот Центар за контрола и спречување на болести, открила дека бројот на заразени лица и смртни случаи е поголем онаму каде што се дозволува седење во внатрешниот дел од ресторанот.
Фото: Pixabay
Експертите препорачуваат да се избегнуваат ресторани со многу гости и да се седи до отворен прозорец или врата доколку е можно.
Мали неформални дружби
Експертите долго предупредуваа дека собирањето во мали групи го зголемува пренесувањето на коронавирусот, а истражување од 2020 г. го докажува ова.
- Повеќето луѓе се заразуваат со ковид-19 во слободното време - изјавила лекарката Алекса Мисес Малчук.
Настани со многу луѓе
Надворешните собири се помалку ризични од внатрешните, но и тие не се целосно безбедни. Треба да се внимава за време на настани со многу луѓе кои траат подолго време. На овие настани е тешко да се задржи физичкото растојание, а не се знае ниту статусот на вакцинација на лицата во околината.
Фото: Pixabay
Каде е најмал ризикот?
За време на пандемијата истражувањата покажале дека училиштата не се големи центри на зараза, особено доколку учениците носат маски. Овој заклучок е донесен врз основа на прелиминарни показатели во САД.
Истражување во 2020 г. покажало и дека користењето на јавниот превоз не е многу ризично, а причината за тоа можеби е задолжителното носење маски во јавниот превоз во САД.
Извор:
Huffpost