X
 20.11.2024 Наша тема

Невработени дел од археолозите што ги открија вредните наоди од 6 век пр.н.е. во архајската некропола Корошишта во Струшко

Тимот броеше 15 археолози, конзерватори и други заштитари на културно наследство, од кои четворица археолози беа невработени, а двајца со договор на дело.

Без решен работен статус беа дел од тимот археолози што работеа на ископувањата во архајската некропола Корошишта во Струшко, каде што открија значајни златни, сребрени и бронзени предмети, слични на гробовите со златни маски од Требенишкатата некропола. Некои од нив беа ангажирани со договор на дело, додека други воопшто не се вработени во ниту една институција од културата.

- Овие состојби можат да се надминат само системски, т.е. со нивно вработување во институциите, од кои секојдневно слушаме како се жалат дека немаат стручен кадар. Овие луѓе и претходно, а со овој проект уште повеќе докажаа дека се врвни професионалци на кои местото им е во институциите од културата - рече м-р Перо Арџанлиев, археолог, кустос советник за хеленистички период при НУ Археолошки музеј на Република Северна Македонија-Скопје и раководител на истражувањата во Струшко.



Тимот, кој посветено, макотрпно, со многу вложен труд и знаење придонесе за епохалното откритие во архајската некропола Корошишта на локалитетот Расница во Струшко, се состоеше од 15 археолози, конзерватори и други заштитари. На третина од нив, односно шестмина археолози не им беше решен работниот статус. Меѓу невработените што ги вложија своите знаења и посветеноста во работата беа археолозите Илија Бошковски, Миле Иловски, Благоја Китановски и Валентина Тодоровска, подводен археолог. Фане Каневче-Иловска, археолог нумизматичар и Иван Малезан, археолог, беа ангажирани со договор на дело во НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј - Охрид.

- Со ваквите состојби, за жал, археологијата не е примамлива за младите, но затоа, пак, со едни вакви откритија се надевам дека ќе помогнеме да се надминат овие состојби, но и да знаат младите луѓе дека со многу труд и посветеност, соништата можат да станат реалност - вели Арџанлиев.


Перо Арџанлиев

Во екипата со решен работен статус беа раководителот на проектот, Арџанлиев, потоа Фитни Далипи, од неодамна пензиониран археолог, Драган Таневски, Анатоли Арнаудовски и Татјана Стојоска-Видовска, виш кустоси при НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј –Охрид, Емилија Митева-Димковска, конзерватор при НУ Археолошки музеј на Република Северна Македонија-Скопје, Раде Атанасов, археолог од Музеј и галерија Кавадарци и Климент и Билјана Балеви, конзерватори во НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј - Охрид.



Инаку, истражувањата во Струшко се исклучително значајни бидејќи во овој богат и археолошки значаен регион е откриена уште една некропола од архајскиот период, нешто што уште повеќе го потврдува значењето не само на регионот, туку и на целата македонска археологија. Откриени се две гробници од архајскиот период, од кои посебно се истакнува гробницата 2 во која се откриени над 100 исклучителни археолошки артефакти од архајскиот период (шлем, штит, разни златни апликации, сребрен кантарос, сребрени игли, килибар, неколку бронзени садови итн.). Истражувањата траеја четири интензивни недели и беа финансирани од Министерството за култура во рамките на Годишната програма.



- При сите ископувања се соочуваме со одредени предизвици, па таков беше и случајот со овој локалитет. Најпрвин се истражуваше според вообичаената археолошка методологија, а тоа значи ископување рачно со многу внимание да не се оштети нешто и со цел да се забележат сите археолошки појави на локалитетот, т.е. да се регистрира археолошкиот контекст. Со оглед на тоа што достигнавме длабочина од 4,5 метри, може да замислите колку труд и сила требаше да вложиме при самото ископување. Потоа, откако се дојде до посакуваното откритие, од нас беше вложено целокупното наше знаење, умешност и секако искуство со цел перфектно документирање на сите појави и артефакти и нивно безбедно подигнување и пренесување во музеј. Но сето тоа беше успешно спроведено благодарение на професионалноста на целиот тим. Вклученоста во едно вакво откритие за секој археолог значи остварување на сонот, па така и за нас беше остварување на нашите соништа - рече Арџанлиев.



Увид врз наодите изврши и министерот за култура Зоран Љутков, кој изјави дека ова се ексклузивни наоди од пред 2 илјади и петстотини години. Тој рече дека зачувувањето на нашето културно наследство е обврска на сегашните и идните генерации, а со овие откритија не само што го прошируваме нашиот историски контекст, туку ја зацврстуваме и нашата позиција како важен чинител на регионалната, балканската и европската археолошка сцена. На прес-конференцијата одржана по повод откриеното археолошко наследство немаше најава за вработување на вредните археолози.

Со оглед на тоа дека истражувањата на локалитетот, а и на други места во државата продолжуваат, останува надежта дека во најскоро време ќе бидат вработени и археолозите кои несебично и професионално се вложија во овие доста значајни истражувања.




Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема