Вкупниот број невработени во Македонија заклучно со 30 септември изнесува 135.605 лица, од кои 69.001 се жени, покажуваат податоците на Агенцијата за вработување.
Вкупно 25 од невработените се доктори на науки. Од тие 25 доктори на науки, најмногу, односно 14 се од Скопје, четворица се од Тетово, тројца се од Битола и по еден има од Велес, Кичево, Куманово и од Радовиш. Вкупно 13 од сите невработени доктори на науки се жени.
Во однос на магистрите, според прегледот на невработени лица според школската подготовка со состојба на 30.9.2021 година на агенцијата, во Македонија има 737 невработени магистри, од кои 446 се жени. Најголем број од нив се од главниот град, вкупно 202, а голем број невработени магистри има и во Тетово (84), Прилеп (62), Гостивар (51), Битола (46), Куманово (42), Кичево (31) итн.
Фото: Агенција за вработување (кликнете на сликата за да ја видите во поголема резолуција)
Вкупно 9.803 невработени лица во земјава се со високо образование, а од нив 6.295 се жени. Најголемиот дел од невработените со високо образование, исто така, се од Скопје (2.108), а потоа следуваат Тетово (1.346), Куманово (795), Прилеп (714), Битола (703), Гостивар (523), Охрид (407), Струга (322) итн.
Вкупно 1.116 од невработените во земјава се со вишо образование, а од нив 569 се жени.
Со завршено средно образование во Македонија се 34.214 од невработените, а од нив 16.757 се жени.
Непотполно средно образование имаат 13.202 невработени лица, од кои 4.502 се жени.
Според податоците на Агенцијата за вработување, без образование и со основно образование се 76.458 од невработените лица во Македонија, а од нив 40.419 се жени.
Фото: Агенција за вработување (кликнете на сликата за да ја видите во поголема резолуција)
Во однос на распределеноста на невработените според возраста, податоците на Агенцијата за вработување покажуваат дека најголем дел од невработените се на возраст од 55 до 59 години, поточно 19.641 лице. Потоа следуваат оние на возраст од 60 и повеќе години (16.802), од 50 до 54 години (15.958), оние на возраст од 45 до 49 години (15.701), оние на возраст од 40 до 44 години (13.728), па оние на возраст од 30 до 34 години (13.300), од 25 до 29 години (13.286), од 20 до 24 години (12.661), од 35 до 39 години (12.555) и најмалку невработени, логично, се на возраст до 15 до 19 години (2.603 лица).
Насловна фотографија: aрхива