Ако после оваа селекција се случи повторно да имаме кандидати со ист број поени и практично таа селекција не може да биде извршена, тогаш ќе се прави уште едно тестирање, вели директорката Салиу
Во средното медицинско училиште „Д-р Панче Караѓозов“ денеска кандидатите за упис полагаа квалификациски тестови. За насоката медицински сестри на албански наставен јазик, се пријавиле 132 ученици, а има 102 слободни места.
- Сите пријавени кандидати се со сите петки, односно со максимални 75 поени. Тие денеска полагаат тест по хемија и биологија, од материјалот кој го учеле во осмо и во деветто одделение. Ако после оваа селекција се случи повторно да имаме кандидати со ист број поени и практично да не може да биде направена селекција, тогаш ќе се прави уште едно тестирање - вели директорката Маја Салиу.
Тестовите ги подготвиле вработени во Бирото за развој на образованието.
- Формирана е комисија, го спроведуваше испитот. Тестирањето траеше еден час и половина, резултати ќе има во текот на денов - додава Салиу.
Инаку второто пријавување и запишување на учениците ќе се врши на 23 и 24 јуни во период од 7 до 19 часот, како и на 25 јуни во периодот од 7 до 15 часот. Пријавувањето ќе се врши согласно изготвен распоред. Ранг-листите со резултатите од запишувањето и слободните места ќе се објават на 25 јуни.
Ако има потреба, повторно ќе се организира квалификационото тестирање и тоа на 26 јуни. Конечните ранг листи со резултатите ќе се објават на 26 јуни.
Во првото пријавување вкупно се пријавија 16.884 ученици од кои 11.575 ученици за настава на македонски наставен јазик, 4.998 ученици за настава на албански наставен јазик, 289 ученици за настава на турски наставен јазик, 4 ученици за настава на српски наставен јазик, а има и 18 повторувачи.
Фото: Средното медицинско училиште „Д-р Панче Караѓозов“