X
 21.10.2019 Живот

Животот на најубавата Југословенка на сите времиња започнал како бајка, а завршил трагично

Никица Мариновиќ била првата и најуспешна Југословенка на изборот „Мис на светот“.

Во далечната 1966 година цела Југославија зборувала за тоа дека Југословенка зела титула како една од најубавите на „Изборот за мис на светот“ во Лондон. Таа девојка била преубавата дубровчанка Никица Мариновиќ, која на натпреварот како прва претставничка на тогашната Социјалистичка Федеративна Република Југославија го освоила сензационалното второ место и станала прва придружничка на Индијката Реита Фариa.

Никица на изборот, наводно, се нашла случајно. Во времето кога се организирал изборот „Мис Југославија“, женскиот неделник „Базар“ ја презел организацијата. Меѓутоа, главната уредничка не била задоволна од пријавените кандидатки и тргнала во потрага по анонимни девојки. Таа ја сретнала Никица, која тогаш била средношколка. Одвај успеала да ги убеди нејзините конзервативни родители да ја пуштат да учествува, а токму таа зад себе ги оставила сите југословенски убавици, а потоа и најубавите од целиот свет.

Од тоа време кружат приказни дека лентата за најубава на планетата ѝ се лизнала од раце затоа што била од земја од комунистичкиот блок. Но, факт е дека ниедна убавица од Југославија не успеала да освои толку висока титула.

За убавината на Никица набрзо настанала и легенда - се зборувало дека таква убавица со бисерен тен и златна коса можела да се роди само во морската пена и дека татко ѝ ја извлекол со мрежа од морето за време на една бурна ноќ.

По триумфот на изборот „Мис на светот“, Никица се преселила во Белград. Се зборувало дека го одбила славниот филмски продуцент Дино де Лаурентис, кој ѝ нудел исполнување на холивудскиот сон, објаснувајќи му дека нема талент за глума. Нејзиното лице со години потоа ги красело насловните страници, таа на читателките им делела совети за мода и убавина, а со убавината, насмевката, скромноста го заведувала секој што ќе го сретнела.

Сепак, нејзиното срце го освоил белградскиот книжевник и режисер Вук Вучо, со кого го добила синот Ѓорѓе. Тој брак траел пократко од пет години, а по разводот повторно ја опседнале додворувачи. По втор пат Никица судбоносното „да“ му го кажала на славниот режисер Здравко Шотра, со кого го имала синот Марко. Тој брак траел малку подолго, но и таа љубов завршила во 1980 година.


Никица имала бутик на „Кнез Михајлова“ и многумина оделе само за да ја видат. А потоа во еден момент ѝ се губи трага. Се зборувало дека се бори со депресија, дека посетува психијатриски установи. Живеела далеку од очите на јавноста и ги прекинала контактите со најблиските пријатели.

Во ноември 2008 година повторно нејзиното име се најде на насловните страници, но поради најстрашната можна причина.

Никица се напила смртоносна доза апчиња за спиење, не оставајќи зад себе проштално писмо, ни порака од која би можело да се заклучи зошто се самоубила. Имаше 61 година.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот