X
 22.06.2021 Наша тема

Горештини и температура над 40 степени, прогнозираат метеоролозите. Деновиве подгответе се за портокалова фаза

Од утре во Скопје се очекува температура од 39 степени, велат од УХМР

Прв топлотен бран оваа година најавува почеток на летните горештини. По деновите со нестабилно време и поројни врнежи, Македонија ја очекува недела со температури кои може да достигнат над 40 степени Целзиусови, како и можен аларм за портокалова фаза.

Од Управата за хидрометеоролошки работи - УХМР велат дека под влијание на топла воздушна маса од југ, времето во Македонија ќе биде многу топло со натпросечни температури за овој период од годината.

- На повеќе места температурите ќе бидат над 35 степени, а најтопло се очекува да биде во четврток и петок кога на места ќе го надминуваат и четириесетиот степен - посочуваат од УХМР.

Дежурниот синоптичар на Управата за хидрометеролошки работи вели дека топлотниот бран во жолта фаза, од утре па до крајот на неделава има тенденција да расте и да помине во следната портокалова фаза.

- Сето тоа ќе биде проследено со високи температури, кои ќе бележат тенденција на раст во повеќе места и градови и над 35 степени. Највисоките температури, над 40 степен се очекуваат во четврток и петок и тоа на југоистокот на земјата - посочува дежурниот синоптичар.

Веќе имаме прво ниво на опасност од високи температури, односно сме во жолта фаза, но тоа ќе биде најмалку што може да се очекува.

- Од утре во Скопје се очекува температура од 39 степени. Во наредните денови таа може да порасне, но очекуваме да не надмине многу над 39 степени - заклучуваат од УХМР.



Според најавите на метеоролозите, температурите ќе се намалат кон средината на идната седмица, но и натаму ќе бидат високи за овој период од годината, на околу 30 степени.

Лекарите советуваат во следните денови да се пие поголемо количество течност, најдобро вода, да се внесува помало количество храна, која не содржи многу маснотии и шеќер, а да се избегнуваат алкохолни пијалаци и пијалаци што содржат кофеин, како и екстремно студени пијалаци.

- Да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце да се носат заштитни очила и капа, како и да се престојува во затворени климатизирани простории. При престој на отворен простор треба да се прават почести одмори под сенка, како и да се избегнува престој во целосно затворени возила и директен престој на сонце. Хронично болните, како тие со срцеви, невролошки и белодробни болести, да бидат дисциплинирани во однос на овие препораки и редовно да ја земаат својата редовна терапија - заклучуваат докторите.

Фото: Борче Поповски
Подготвил: Радмила Заревска / radmila.zarevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема